Skip to main content

Што потоа?

Во Македонија политиката секогаш наликува како на спорт за издржливост. Нема целна линија, нема „сега е готово“. Секој изборен циклус, без разлика дали станува збор за парламентарни, претседателски или локални избори, е само уште едно полуфинале. Секогаш има нова рунда, нов натпревар или нова пресметка. Па така, сосема е логично и сега да се запрашаме: што потоа? Што ќе се случува по локалните избори што доаѓаат, и како тие ќе ја влијаат на политичката мапа во Македонија?

Овие избори се само формално „локални“. Во пракса, тие се национален референдум за довербата во власта и за силата на опозицијата. Така било отсекогаш, така ќе биде и во иднина. Секој добиен градоначалник е потврда на успехот, секоја загубена општина е претрпен удар. Она што ќе се случува на теренот – по селата, по маалата, по големите и малите општини, Градот Скопје, како и по партиските бастиони, ќе има големи импликации за тоа кој ќе владее и кој ќе ја има довербата на национално ниво во следните години.

–         ВМРО-ДПМНЕ, во офанзива или во трка за постигнување на максимален резултат?!

Да почнеме со најголемиот фаворит според сите анкети, ВМРО-ДПМНЕ. По победата на парламентарните избори, партијата на Мицкоски е во офанзива. Со централна власт која што им беше доверена од граѓаните минатата година, заедно со високиот рејтинг, логично е да влезе во локалните избори со амбиција да освои што е можно повеќе општини. Ако на ова го додадеме фактот што во најголемиот број на општини трката ќе ја водат актуелните градоначалници, тоа говори за нивниот придонес и додадена вредност врз севкупната перцепција на граѓаните за позитивното работење на структурите на оваа партија распоредени на државни и локални функции.

Од тие причини, секоја анализа на предизборниот амбиент во Македонија нѐ води кон заклучок дека ВМРО-ДПМНЕ е сигурен победник на изборите. Единственото прашање на кое што треба да чекаме одговор до крајот на изборите, е бројот на освоени градоначалнички и советнички места кои што оваа партија и коалиција ќе ги освои.

Сепак, независно од ваквата перцепција и заклучоците кои што неминовно се наметнуваат, тука се крие и една замка за која владејачката партија треба да е свесна. Огромната доверба создава и огромни очекувања, а локалните избори се специфика за себе. Адресирањето на локалните проблеми е различно за секоја општина, а пристапот кон нивното решавање треба да биде одмерен и применлив во согласност со условите кои важат во конкретната општина. Секој несоодветен пристап на локално ниво може да креира негативно влијание и да направи поголема штета отколку што ќе може тоа да го поправи еден голем инфраструктурен проект финансиран од владата. Граѓаните знаат да гласаат „локално“, дури и кога за генералната и на централната политика имаат поинакво мислење.

Оваа замка не се однесува на тоа дали ВМРО-ДПМНЕ ќе победи или загуби на изборите. Веќе заклучивме дека победата е извесна. Овде зборуваме за тоа дали соодветниот пристап на локално ниво ќе придонесе да се случи рекордна победа и дали воопшто ќе му биде препуштено на СДСМ да освои макар и едно градоначалничко место.

–         СДСМ, во постојана дефанзива и недовршени внатрепартиски реформи!

СДСМ во овие избори влегува во крајно подредена и дефанзивна улога. По големите порази на последните парламентарни, претседателски и претходно локални избори, ова за нив е можност барем делумно да ја вратат довербата. Не дека некој очекува спектакуларен резултат или победа, но секоја освоена општина ќе биде како кислородна маска, доволна за партијата да продолжи да диши и да не исчезне од големата сцена.

Предизвикот е голем. Граѓаните се незадоволни од поедини градоначалниците на СДСМ. Луѓето ги гледаат неисполнетите ветувања, слабата ефикасност, а постои и генерално чувство дека СДСМ како партија „е истрошена“. Од друга страна, секој мал успех, било тоа да се случи некаде во Скопје, Битола или Струмица (овие градови се само илустрација, без никаква конотација дека токму таму би можело нешто да се случи), може да се продаде како доказ дека „партијата е жива“.

Овие избори ќе бидат сериозен предизвик за СДСМ и сериозно прашање за нивниот опстанок како политичка партија која сѐ уште се потпира врз политиките кои беа погубни за државата и за нив самите. Незавршените партиски реформи, кои имаат само козметички карактер, се јасно препознаени од граѓаните и тоа сериозно се одразува на рејтингот на оваа партија.

–         Албанскиот блок – битка за престиж.

Во албанскиот политички блок, локалните избори се можеби уште поважни отколку во македонскиот. Зошто? Затоа што таму работите се далеку поизедначени, а легитимитетот често се мери по тоа кој контролира повеќе општини. ДУИ преку дваесет години беше хегемон на централно ниво, иако на локално имаше поголемо шаренило и застапеност на претставниците на ВРЕДИ. Кај партиите кои се борат за гласовите на Албанците, локалните избори се секогаш прилика да се покаже силата и влијанието на терен. Ако ДУИ загуби во неколку клучни општини, како што се Тетово, Гостивар, Струга, и особено Чаир, тоа ќе биде удар за нивниот имиџ кои самите сакаат да го наметнат, како „неприкосновени“ претставници на албанската етничка заедница во Македонија. Ако пак ги задржат, тогаш нивната порака е јасна: тие и понатаму се најсилниот фактор во албанската политика.

Од друга страна, ВРЕДИ покажа дека е конструктивен владин партнер, кој во исто време води грижа, како за интересите на Албанците, така и за интересите на државата. Тоа влијае на создавање доверба и на вистинско релаксирање на меѓуетничките односи.

–         Коалициите – политичка и програмска компатибилност или „брак од интерес“?!

На локално ниво, коалициите се често многу пофлексибилни отколку на национално. Тие може да зависат и од микрополитичката клима која е карактеристична за поедини општини. На локално ниво постои поголема слобода и маневарски простор за здружување и коалицирање. Од тие причини овој сегмент од локалните избори би било неблагодарно да го коментираме поради тоа што формирањето на локалните политички јадра ќе влијаат на локалната гравитација која што ќе ја определи насоката на движење на помалите актери кои ќе добијат свои места во локалните совети. Ваквите „бракови од интерес“ знаат да бидат краткотрајни и болни, ама понекогаш носат резултат. Прашањето е, колку вакви експерименти ќе има, и кој ќе профитира од нив?

Кои би биле можните сценарија за иднината после локалните избори¬?

Првото сценарио е целосен триумф на ВМРО-ДПМНЕ. Ако Мицкоски и неговите кандидати успеат да освојат мнозинство од општините, тоа ќе значи целосна доминација, како на централно, така и на локално ниво. ВМРО-ДПМНЕ ќе има мрежа на градоначалници кои ќе ја туркаат сопствената агенда и ќе бидат компатибилни со политиките и програмата на владата. На овој начин ќе се избегне загубата на време и енергија во надминување на концептуалните разлики, кои на локално ниво влијаат врз забавувањето или врз целосната нереализација на предвидените проекти. Ова сценарио овозможува позиција која ќе овозможи далеку поефикасна соработка на релација централна и локална власт.

Второто  сценарио би било сценарио на мешан резултат, односно ВМРО-ДПМНЕ победува во повеќето општини, но СДСМ успева да задржи или да освои неколку поголеми општини. Ова сценарио не би значело баланс на силите, но во секој случај нема да претставува целосно исчезнување на СДСМ од политичката сцена на локално ниво. Власта ќе мора да ги прилагоди политиките и да смета на тоа дека ќе има одредена опозиција на локално ниво, а СДСМ ќе може да каже дека е „уште во игра“.

Иако ова сценарио делува како позитивно за СДСМ, тоа треба да биде загрижувачко за оваа партија. Самиот факт што освојувањето на само неколку градоначалнички места ќе се третира како позитивен исход од изборите кои што следат, говори за тоа на колку „ниски гранки“ е падната СДСМ.

Третото сценарио би било да се случи некаков изненадувачки пресврт. Ова сценарио не може да се случи на овие избори и претставува само теоретска претпоставка која има за цел да ја заокружи приказнава со сценаријата. Такво нешто би било вистинска сензација и би ја променило политичката динамика. За такво нешто ќе треба голема мобилизација и свежи политики и лица, кои во моментов опозицијата не ги нуди.

„Што потоа?“ – тоа е клучното прашање во моментов.

Победата на ВМРО-ДПМНЕ е извесна. Таквата победа нема да креира некој поинаков политички амбиент од оној што го имаме во моментов. ВМРО-ДПМНЕ и сега доминира на централно и локално ниво. Единственото прашање е дали таквата доминација ќе остане иста или ќе биде дополнително зајакната.

Во Македонија, секое локално прашање е национално. Локалните избори, покрај за локалните политики и прашања, ќе покажат дали граѓаните веруваат во актуелната централна власт. Ќе пратат сигнал за тоа дали довербата кон партиите на власт има нагорна или поинаква линија. Ќе покажат дали СДСМ има барем искра за реинкарнација или дефинитивно се претвора во статистика. Ќе покажат дали ДУИ и ВЛЕН остануваат изедначени или ќе има одредени поместувања.

Затоа, прашањето „Што потоа?“ не е само прашање за партиите, туку и за сите нас. Не е прашање кое се однесува само на локалните политики, туку е прашање кое во голема мера ќе ги детерминира националните политики за повеќе години од периодот кој што следи.

Според сите показатели одговорот е јасен. Одговорот јасно вели дека политиките кои ги води владата на Мицкоски, политики за грижа за локалните и националните интереси, сѐ уште се на цена и токму тие ќе ја добијат поддршката.

Поврзани вести