
ВМРО-ДПМНЕ дефинитивно е најголемиот победник на овие локални избори. Според резултатите објавени од страна на Државната изборна комисија, оваа партија во вториот круг освои дури 21 градоначалничка позиција, кои заедно со освоените 33 од првиот круг сочинуваат збир од 54 освоени места. Ова претставува извонреден резултат, кој заедно со освоеното место за градоначалник на Градот Скопје, претставува успех кој со право се нарекува историски.
ВМРО-ДПМНЕ успеа да ги потврди и повторно да ги освои градоначалничките места во општините кои и досега беа раководени од градоначалници од оваа партија. Во исто време, партијата, заедно со сопствената коалиција, освои значаен број на нови општини. Ако тука ги додадеме и советничките места, кои во најголемиот број од општините ќе го сочинуваат мнозинството во локалните совети, ВМРО-ДПМНЕ го заокружи овој изборен циклус на најдобар можен начин.
Како најголема додадена вредност во успехот на оваа партија е тоа што успеа да изгради исклучително силен коалиционен капацитет, без притоа да ја намали заштитата на интересот на сопствената партиска структура и гласачите кои што ги застапува. Во минатото бевме сведоци на создавање на коалиции, независно дали беа предводени од ВМРО или СДСМ, во кои овие две партии во добар дел се откажуваа од реалната вредност, делегирана од гласачите, со која влегуваа во коалициите. Најочигледен пример за тоа беше коалицијата на владите на Заев и Ковачевски, кои буквално дозволија нивниот коалиционен партнер ДУИ да дивее во владините институции.
На овие избори ВМРО-ДПМНЕ успеа да ги обедини буквално сите сили кои што се во состав на нејзиниот блок и паралелно со сопствениот успех да креира услови и да помогне во постигнувањето на успех на сопствените коалициони партнери. Се разбира дека тоа е взаемна поддршка и соработка, но Мицкоски во критичен момент, меѓу двата круга, успеа да ги стабилизира состојбите и да ги остави политичките процеси во државата да продолжат да се движат врз принципиелна политичка линија. На таков начин тој го доби Кичево, но во исто време му овозможи на ВРЕДИ убедлива победа (изразена и во бројки) над својот политички конкурент, ДУИ.
СДСМ, како најголема опозициска партија, доживеа сериозен пораз на овие локални избори. Тоа јасно се виде уште во првиот круг, додека во вториот нивниот пад претставуваше само движење по инерција во надолна линија. Ваквата инерција воопшто не беше изненадување, ниту пак предмет на дебата во јавноста за тоа дали СДСМ има шанси да се врати во вториот круг. Едноставно немаше и тоа на сите им беше јасно.
Интересен момент за оваа партија е тоа што непосредно пред одржувањето на вториот круг дојде првата оставка во редовите на нивното раководство. Оние кои што на прва се обидоа резултатите од првиот круг да ги претстават како успех, по се изгледа дека во меѓувреме размислиле трезвено или можеби биле ставени под внатрешнопартиски притисок и како резултат на тоа почнаа со поднесување на оставките.
Да бидеме реални, никој ниту очекуваше ниту пак претерано инсистираше на оставки на раководството на СДСМ пред вториот круг на изборите. За волја на вистината, секој политички опонент на СДСМ кога би се водел само од сопствените себични интереси, самиот би посакал актуелното раководство на оваа партија да продолжи да егзистира. Но, факт е дека политичар кој е противник на СДСМ и кој што има државнички калибар, никогаш не би бил среќен противникот да падне на толку ниски гранки и да стане предмет на потсмев или сожалување. Впрочем, тоа беше една од пораките на Мицкоски непосредно по завршувањето на изборите. Таа една реченица е доволна за да го опише и дефинира постигнувањето на СДСМ на овие избори. Секој понатамошен коментар е излишен.
За ВРЕДИ овој пат вреди да се пишува. Покажаа исклучително голема политичка зрелост. Иако се составени како коалиција и збир на неколку политички партии, тие демонстрираа несекојдневно единство, како кон внатре на сопствената коалиција, така и кон коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ. Тие всушност успеаја во пракса да ги имплементираат сите напори кои што се вложуваа во ова општество и оваа земја, да се престане со копање на етнички ровови и да се функционира врз принципиелна линија во интерес на граѓаните и државата. Ваквиот пристап им донесе исклучително голем успех. Тие буквално со еден удар го победија ДУИ, партијата на Таравари и сите останати кои во последно време се седнати во скутот на ДУИ, иако во минатото беа лути противници.
Ова е и лична победа на Меџити против Ахмети. Лидерот на ДУИ пред неколку години ги игнорираше укажувањата на Меџити за штетноста на Груби и Османи. Таквото игнорирање првин ја тргна ДУИ од централната, а сега ја трга и од локалната власт. Со завршување на овие избори се затвори кругот, не само на битките и војните кои што се водеа меѓу политичките партии, туку се затвораат и некои војни кои долго време се одвиваа меѓу некогашните политички соработници.
ДУИ е можеби најголемиот губитник на овие избори. Ако за СДСМ се знаеше дека ќе доживее неизбежен пораз, ДУИ се обидуваше да создаде перцепција дека како „сигурен“ победник на локалните избори, ќе успее да издејствува предвремени парламентарни и промени во владејачката коалиција. Тоа беше основната цел на оваа партија врз која ја градеше сопствената стратегија и политички наратив кој го туркаше долг период, далеку пред почетокот на изборите. На тој начин сакаше да го врати клиентелизмот на голема врата, преку кој ќе создаде доволна гравитација која ќе биде фактор на привлекување на поголемиот број на гласачи од албанска етничка припадност.
Неуспехот на ДУИ може да се каже и дека е почеток на неуспехот на веќе застарените концепти на политичко делување. Македонија дефинитивно мора да се трансформира во држава во која политиката ќе претставува нешто преку кое ќе ги подобруваме условите и квалитетот на животот, а не да остане држава во која преку политичкиот активизам ќе се решаваат основните егзистенцијални потреби на нејзините граѓани.
На тој начин, поразот на ДУИ не е само пораз од директниот политички опонент, ВРЕДИ. Ова е пораз и од ВМРО-ДПМНЕ која што прави обид за ставање на државата на нозе и нејзино дефинитивно преструктурирање врз основа на вредности и постигнувања. Реформите, вредностите и постигнувањата се европски вредности и како такви се еден од условите за целосно интегрирање на државата во ЕУ. Клиентелизмот на ДУИ дефинитивно е поразен, со што е поразена политичката компонента на штетните последици кои што ги остави сад себе. На ред е расчистувањето со останатите компоненти кои што ДУИ и СДСМ ги оставија во наследство во Македонија, особено онаа компонента во македонскиот правосуден систем која што ужива доверба од 2% кај граѓаните.
ЗНАМ освои едно градоначалничко место. Како партија која што е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, се покажа како конструктивен партнер. Тука сѐ уште има простор за надградба, особено доколку постои соодветен прием на пораките од граѓаните. Нејзиното опстојување на политичката сцена сепак говори за тоа дека во оваа партија егзистира политичка супстанца зад која се обединува интересот на одреден број на македонски граѓани. Независно од бројките кои што беа постигнати, ЗНАМ ја потврди сопствената позиција и ќе има доволно време и простор за подготовка за следните изборни соочувања.
Левица е партија на незадоволството. Таа е одраз на општествените состојби и реален приказ за тоа дека постои незадоволство кај одреден дел од граѓаните. Оваа партија е далеку од реална политичка супстанца и вредности кои можат да бидат препознаени како нешто кое што ќе придонесе за придвижување на државата напред. Но, како политичка опција, можат да бидат корисни како лакмус кој покажува кога има отстапувања од вистинските вредности кои што се од интерес на македонските граѓани.
На овие избори Левица ги потврди слабостите во СДСМ и како таква одзема одреден дел од лево настроените гласови кои до сега одеа на конто на СДСМ. Левица е партија која претставува политички аларм за сите оние кои што „се успале“ или мислат дека нивниот простор е неприкосновен и не може да биде загрозен од никого. Но, како опција, Левица дефинитивно не може да биде политичка сила која што ќе даде реална вредност во интерес на вистинските потреби на граѓаните.

Македонски






