Skip to main content

По шумските – навивачки пожари

Од буквално потпалување шумски пожари прејдовме на вербално. Со недели Македонија гореше во пожари за кои во добар дел се претпоставува дека биле подметнати – за што имаше и повеќе апсења. Прстот на одговорноста беше посочен кон политичките опции кои мислат дека ќе успеат да профитираат од кризна ситуација, пред се опциите кои неодамна се најдоа во опозиција. Извори околу владата и отворено посочија на ДУИ како партија која најдолго се држеше на власт и најмногу има да загуби ако наскоро не успее да се врати на власт.

Деновиве сме сведоци на нов пожар, од многу поинаков карактер, но со слична цел.

На кошаркарскиот натпревар Македонија – Романија можеа да се слушнат националистички скандирања. Пораките што беа упатени секако се за осуда и добро е што веднаш беа осудени од политичките претставници кои присуствуваа на натпреварот. Согласно законите за говор на омраза, случајот се истражува од полицијата и од обвинителството и веќе има осомничени, а сигурно е дека ќе следат и вообичаените казни за организаторите. Притоа морам да кажам дека не сум убеден дека ова се случаи кои може (па дури и треба) кривично да се гонат – едно прашање е колку практично може да се докаже кој и што скандирал во голема група луѓе, друго е што не ми се допаѓа да се ставаат луѓе под истрага под политички притисок – иако имаме случаи кога за слични коментари такви дела не биле казнувани во поблиското минато. Воедно, самото постоење на дела како што е „говор на омраза“ многу потсетува на делото „вербален деликт“ од комунистичкиот период, и сите бевме сведоци како овие дела се злоупотребуваа во време на режимот на Заев – кога полиција тропаше на врата на луѓе и коментари на Фејсбук беа прогласувани за „смртна закана“ кон премиерот, без да се води сметка дали коментаторот реално може или навистина вршел некакви подготовки да го загрози властодржецот. Подеднакво интересно со самото дело би било да се разгледа дали можеби некој имал мотив да предизвика ваква ситуација – што е многу лесно да се направи, да најдеш неколку луѓе да извикаат нешто во присуство на премиерот – за потоа да му ги накалемиш политичките последици. Нешто слично се случи во пресрет на самитот на НАТО во Букурешт, кога лице кои мислам дека никогаш не го идентификувавме остави мапа на обединета Македонија на гробот на Гоце Делчев непосредно пред таму да се поклони премиерот Груевски, а грчката пропаганда веќе имаше отпечатени материјали кои ги дистрибуираше во Букурешт како доказ дека Македонија турка опасен големодржавен национализам.

Дури и ако самите скандирања биле спонтани, нема ништо спонтано во реакцијата на лидерството на ДУИ, кои на претстојните локални избори ги гледаат како на „да се биде или не“. Иако, за жал, се работи за инцидент кој често се случува во Македонија, и тоа честопати доаѓа од страна на навивачки групи кои ДУИ отворено ги поддржува, оваа партија, а и една група невладини организации блиски од нив и до СДСМ, реагираат како да Македонија е земја во која македонските политичари поддржуваат ширење говор на омраза. Се повторува спрегата која ја видовме во Чаир, каде една група пропагандни активисти на СДСМ, кои очигледно немаат ангажман во сопствената партија во пресрет на изборите, се нудат таму каде што реално би можело да се поентира некој поен против ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е и се помогне на ДУИ да има што е можно подобар резултат на локалните избори и потоа да бара влез во Владата (и секако, уште еднаш да се спаси од одговорноста за две и пол децениското стравовладеење).

Иако нема никакви докази дека македонските политичари присутни во салата имаат некаква врска или давале некаква поддршка на навивачите кои упатувале националистички пораки, има долг историјат на примери каде токму ДУИ користи националистички навивачки групи за да ги оствари своите цели (исто како што е иронично оваа партија да обвинува други дека легализирале дивоградби). Почнувајќи од инцидентот на скопското Кале предводен од доскорешниот втор човек во таа партија Артан Груби, преку нападот врз еден споменик од проектот Скопје 2014, до користењето на навивачките групи да го демолираат Македонскиот народен театар во 2019 година, и на тој начин да покажат кој е газда од таа страна на Скопје, дека ВМРО веќе не е на власт, и да се знае кој е кој во коалицијата со СДСМ. Да не биде дека демолирале само споменик на крал кој се смета за српски, албанските навивачи беа извршители и на најсериозниот инцидент во процесот на влошување на македонските односи со Бугарија – кога избодеа навивач на Левски во 2023 година, затоа што се дрзнал да помине низ Чаир со кола со развиорено. Да не го спомнуваме крвавиот почеток на режимот на ДУИ и СДСМ, со убиството на младиот Никола Саздовски. Да не го заборавиме ни нарушувањето на молкот во спомен на жртвите на катастрофата во Кочани. Па дури и во екот на исполитизираните реакции за скандирањето во Куманово, само неколку дена подоцна сме сведоци на албански националистички скандирања на натпреварот Шкендија – Карабах, пред целата албанска политичка врхушка во земјата.

Бизарно е да се слуша и реакцијата од Косово, држава која се уште одбива да ги екстрадира исламистите – убијци што го извршија масакрот пред Велипеток 2012та година, и која им даде почесен погреб на терористите што го нападнаа токму Куманово во 2015та година.

Големата слика е дека албанската политичка сцена во регионот останува поделена. Еди Рама, со неговите сојузници во УЧК командантското крило во Косово и во Македонија, се обидува да ги врати позициите кои ги загуби во Македонија откако беше поразена коалицијата ДУИ – СДСМ – коалиција која тој буквално ја создаде со Тиранската платформа. Наспроти него е екипата на Албин Курти, која нема многу меѓународна поддршка, но успева да доминира во по-муслиманските, гегски делови на „албанскиот свет“, како и кај младите Албанци на кои им е преку глава од невидените нивоа на корупција. Овој регионален конфликт секако се прелева во Македонија. Се што можеме да направиме е да бидеме будни и обединети и да не дозволиме да ни се наметне нова Тиранска платформа, по која ќе ни бидат диктирани нови и нови отстапки.

Поврзани вести