Skip to main content

Лајт членство во ЕУ

Откако сите други лаѓи им потонаа (пред се надежта дека ДУИ ќе има добар резултат на локалните избори и шверцерски ќе влезе во владата), шарената опозиција во Македонија се префрла на други извори на надеж. Пред се – дека Црна Гора и (уф) Албанија ја претркале Македонија на патот кон ЕУ и може наскоро да станат членки.
Има повеќе проблеми со планот на СДСМ и другите опозициски партии и кружоци да ја базираат својата политичка страгетија врз овој нов извор на надеж. Пред се, процесот ќе трае години и години. Црна Гора еднаш веќе имаше брза рунда на преговори, па се најде целосно закочена заедно со Србија. Нема никакви гаранции дека по следните неколку години преговори, во кои би требало да ги заврши поглавјата, нема повторно да се случи некаква блокада по која шарените во Македонија повторно ќе излезат смешни и бескрајно наивни во очите на јавноста. Во моментов Бугарија ја блокира Македонија, а Унгарија – Украина, двете од свои политички причини. Но, повеќе ЕУ земји членки имаат националистички влади, а неколку крупни членки може наскоро да добијат влади кои ќе бидат крајно скептични кон проширувањето. Да не заборавиме како Франција, предводена од Макрон, го згази режимот на Заев со ветото во 2019та година. Замислете што ќе направи Франција предводена од Ле Пен, или Германија на Мерц на кого АФД му дише во врат.
А Црна Гора е дури и неспорниот кандидат – мала државичка со стратешка положба и високо развиен туризам (односно решени прашања на стандардот) која веќе го користи еврото. За разлика од неа, Албанија, која се развива бргу – повторно благодарение на крајбрежјето, деновиве мораше официјално да реагира до Британија да престане да ги претставува албанските мигранти како база за најорганизираната криминална банда во Лондон. Еди Рама може да коленичи и да се превртува на глава пред европските водачи колку сака, факт е дека угледот на неговата држава и дијаспора, поради многу силни причини, е на самото дно. И сега политичкиот план на СДСМ е да се надеваат дека ЕУ ширум ќе ги отвори портите за Албанија (за четири години во најдобар случај), па потоа тоа да доведе до револт кај албанското малцинство во Македонија и кај загриженото скопско граѓанство, и така СДСМ да дојде на власт со старите пропаднати ветувања од пред Преспа.
Да бидеме реални – ние како народ и држава треба да посакуваме овој процес да тече бргу за нашите соседи. Сакаме да им биде добро, дури и ако тоа значи дека ќе имаат повеќе специфична тежина да вршат притисок врз Македонија по угледот на другите наши соседи кои влегоа во ЕУ. На крајот на краиштата, искуството не учи дека едното вето секако ќе биде заменето со друго, уште побизарно. Нека напредуваат соседите, можеби просперитетот ќе им помогне конечно да ги надминат националистичките фрустрации.
Но, постои едно пореално сценарио кое можеме да го очекуваме, кое го навестуваат светски списанија како Политико, а кое и самиот Рама го најави неодамна. Во едно од неговите веќе легендарни упикувања кон Италија, Рама рече дека е подготвен да прифати Албанија да се откаже од правото на вето како членка на ЕУ, па дури и од правото на глас, и да нема комесар во Европската Комисија туку да биде претставена преку италијанскиот комесар. Со ова, имаме ситуација во која земја кандидатка за членство – за која ни велат дека е втора најсериозна кандидатка за членство – самата бара да добие лајт верзија на членство. Да биде дел од европската економија, да ги добива европските фондови во целост (тоа што ќе остане откако ќе се плати цехот за обнова на Украина), нејзините граѓани да имаат право на патување и работа во ЕУ, но државата да ги нема политичките права на членството. Ова решава клучен проблем кој Макрон го постави кога еден друг балкански муртински пробисвет дојде да му бара членство – Франција отворено праша како ќе функционира ЕУ со половина дузина мали балкански државички како нови членки со право на вето, со право на глас еднакво на Франција и Германија, и со историјат на будалести балкански спорови. Од тогаш се шират најавите за два круга на европски членки – еден круг кој ќе ги има сите политички права како сега, а другиот, со Македонија, Албанија, Молдавија, Ерманија.. кои ќе бидат „дописни членки“.
На Пендаровски еднаш му се лизна да признае дека ЕУ ни нуди нешто слично – норвешки модел според кој ќе бидеме целосно интегрирани во слободата на движње на луѓе и стоки, но без политичко членство. Пендаровски кажа дека Македонија тогаш тога веднаш го отфрлила бидејќи чекала да биде наградена за бламажата во Преспа со полноправно членство. Од денешна гледна точка, јасно е дека тоа било огромна грешка.
Се разбира, ако Македонија аплицира за лајт членство во ЕУ – без право на вето – би требало тоа да може да го добие со мнозинство гласови на земјите членки – односно без Бугарија, или Грција, па дури ни Данска, Холандија и Франција, да можат да не блокираат. Принципот на едногласно одлучување на земјите членки за прием на нови членки важеше затоа што новата членка ќе добиеше еднаков статус на постарите. Ако идните членки немаат еднаков статус, немаат право на вето, тогаш јасно е дека за овој нов вид на членство не би требало да важи принципот на едногласност.
Оваа мерка може да биде воведена во ЕУ пред се со цел да и се помогне на Украина, која се соочува со унгарското вето (а веројатно и вето од Словачка). Но, Македонија може да биде колетерален добитник од овие високи игри во Брисел околу Украина, како и од кандидатурата на земја со крајно низок углед како Албанија, кои еве веќе отворено лобираат за послаба верзија на членство.
Нашата шарена опозиција се обидува да не убеди дека времето работи против нас и дека „искуството не учело како секој одбиен предлог води до нов, полош предлог“. И затоа мораме да го прифатиме францускиот предлог. Реалноста е дека позицијата на СДСМ е трајно нарушена по катастрофалниот исход на Преспа. Се покажа дека Заевци добро се договориле и испазариле за прашањата кои на нив им беа важни – политичкиот прогон врз опозицијата со кој ќе се зацврстат на власт, имунитет за себе за да тераат разни криминални и полу-криминални бизниси, да не бидат попречувани додека парите ги изнесуваат во Дубаи, и слично. Но, очигледно полошо се испазариле со западните лидери за прашања кои граѓаните ги очекуваа од нив – брзо членство во ЕУ и посериозни инвестиции. Откако се покажа дека се одлични пазарџии кога станува збор за нивните лични интереси, но катастрофални трговци со националните интереси, угледот на СДСМ се преполови, и денес мора да се докажуваат дека уште се втората најголема партија во Македонија со ДУИ, ВЛЕН и Левица. Затоа, на СДСМ очајно му е потребно ВМРО да потпише еден таков штетен договор, за да можат да кажат дека не се само тие предавниците, дека „ете, сите се исти“ и слично. Затоа СДСМ паралелно се нудат на странскиот фактор да направат нов договор со кој ќе ги нудат македонските национални интереси, и бараат ВМРО да потпише таков договор. Не е точно дека времето работи против нас – опозицијата работи против нас и не турка кон лоши договори. Во време кога опозицијата држеше цврста линија, а и власта донекаде држеше цврста линија, се случуваше Македонија и да добие по нешто од преговорите со соседите и со странците. Така, во 2004 година, СДСМ ги промени општинските граници по терк на Али Ахмети (национална катастрофа која ВМРО дури сега успеа делумно да ја санира) но притоа владата, користејќи ја заканата од референдумот што го организираше ВМРО, успеа да испреговара признавање на името од страна на САД. Во ред, Американците се покажаа како крајно неверни сојузници и практично го повлекоа признавањето кога ја иницираа шарената револуција за муртинизација на земјата и промена на името, по што целата држава на тацна му ја дадоа на Ахмети. Но, стои аргументот дека една влада не може да преговара за национални прашања и да се надева на некаков успех ако опозицијата на сите страни ветува дека ќе го реши тоа прашање во полза на соседите штом дојде на власт.
Ваков исход би бил најдобар и за Бугарија, чиј углед во Македонија падна на ужасно ниско ниво со блокадата на ЕУ интеграциите. Дури и без активни обиди од страна на политичарите да отвораат конфликти, гледаме дека и при спонтани ситуации, како концертот на Цеца во Велес, оваа нетрпеливост избива на површина. Бугарските политичари беа понесени од ветувањата на Заев, и се преиграа. И во интерес на нормализирање на односите меѓу двете земји и народи е да се најде решение што е можно поскоро – а формализирањето на планот за лајт членство во ЕУ, кое ќе се добива без вето, и кое нема да носи право на вето, може да биде точно такво решение.

Поврзани вести