
Во македонската политика ретко има моменти кога зборот станува поголем од говорот, а говорот поважен од настанот на кој што е кажан. Ретки се моментите кога упатената порака примарно го артикулира интересот на заедницата и јавноста, а не на личноста која што ја упатува.
Токму тоа можевме да го видиме на 18-тиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ. Тој настан не беше само уште едно партиско собиралиште, туку тест за политичката зрелост на една партија, еден претседател и едно раководство што го презеде товарот да ја води државата низ турбулентен историски период.
Во годината кога Европа и светот ја менуваат геополитичката архитектура, кога кризите стануваат секојдневие, а истовремено надежта се бори со песимизмот, пораките на Христијан Мицкоски не можеа да бидат само и само политички. Тие мораа да бидат стратегиски, визионерски и обврзувачки. И, можеби за првпат по долго време, се стекна впечаток дека тие навистина се.
Секоја голема партија има два периода, време кога владее и време кога учи. Проблемот со многу политички субјекти во Македонија е тоа што никогаш не научија кога беа во опозиција, а уште помалку кога беа на власт. И едната, но и другата форма на функционирање се составен дел од демократијата и како такви треба соодветно да се искористат како можност за надградба, усовршување и придонес за државата и граѓаните.
Затоа, 18-тиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ изгледаше поинаку. Како нешто веќе да е научено. Конгресот не изгледаше како триумфално собирање на најистакнатите ешалони на партијата, туку како проверка на сработеното. Пораките на Мицкоски беа изненадувачки трезвени. Тие не беа славенички и еуфорични, туку беа чист повик за мобилизација. Не видовме занес и опиеност од власта, туку насоки за отчетност и одговорност.
Партијата се наоѓа пред најважната фаза од својата понова историја. Тоа е моментот кога ќе стане двигател на модерната македонска држава, или ќе се претопи во истите системски слабости против кои и самата се бори. Затоа вреди да се кажат неколку збора за пораките кои што беа упатени од овој конгрес.
Еден од највпечатливите моменти на конгресот беше промената на тонот на говор на претседателот на партијата, Мицкоски. Ако некогаш тој беше перцепиран како остар критичар, сега Мицкоски зборуваше како човек кој чувствува дека најголемата тежина на одговорноста му припаѓа токму нему. Тој упати неколку клучни пораки кои ја поткрепуваат и потврдуваат ваквата констатација.
Државата мора да стане функционална пред да стане европска. Економскиот развој не може да биде пропагандна проекција, туку мерлив процес. Институциите мора да бидат дигитализирани, транспарентни и отпорни на корупција, а администрацијата мора да се деполитизира и професионализира во целост.
Ова не беа типични партиски фрази или вообичаено клише кое што се слуша на секој настан од ваков тип. Ова беа пораки кои можат да ја одредат идната политичка траекторија на секоја една влада или на целата држава.
На конгресот беше промовирана „Стратегијата 2030“. Кога партиите зборуваат за стратегии, јавноста се однесува како да слуша планови што траат помалку од една календарска година или колку еден годишен буџет. Едноставно, досегашното искуство на функционирање во државата ги тера граѓаните секоја новина да ја прифаќаат со резерва. Многу е веројатно дека некој од противниците овој документ ќе го претставува како класичен политички маркетинг, додека поддржувачите како прва реална државна визија која што ја гледаме по многу долго време во Македонија.
Каде е вистината?
Во случајов се работи за стратегија, не за манифест. Манифестите вообичаено се пишуваат за избори, а стратегиите се малку покомплексни документи и се однесуваат на понатамошниот начин на функционирање на државата. Ако „Стратегијата 2030“ е документ кој во себе вградува економски реформи, енергетска независност, демографска стабилизација, дигитализација, реформи и независност на судството, тогаш таа слободно може да се гледа како првиот долгорочен државен план презентиран после многу долго време.
Политичката тежина бара политичка дисциплина, а визија без реализација е само добар говор, зборови кои никогаш не станале дела. Но, ако „Стратегија 2030“ стане водилка која што администрацијата и целокупниот државен апарат ќе ја следи, тогаш Мицкоски има шанса да ја постави најконзистентната владина агенда во поновата историја.
Тука е најголемиот предизвик, дали државата може да следи визија, или визијата ќе се загуби во лавиринтот на државниот апарат и администрацијата? Тоа е предизвик за сите нас!
Една од најчувствителните теми за кои што зборуваше Мицкоски на конгресот, се националните прашања и националниот идентитет. Пораките од конгресот беа повеќе од само политичка декларација. Македонија, според Мицкоски, треба да ја продолжи европската интеграција, но без да дозволи нови интервенции во историјата, јазикот и идентитетот. Ова беше директен одговор на стравот кој што провејува низ јавноста за тоа дали ЕУ интеграцијата ќе бара уште отстапки. Неговата позиција е јасна: да, Македонија е за Европа, но не по цена на нови уставни или идентитетски отстапки.
Мицкоски посвети значителен дел од своите пораки на енергетиката. Тој повеќе зборуваше како инженер отколку како политичар. Зборуваше за нови капацитети, зголемена домашна продукција, обновливи извори на енергија, намалување на енергетската зависностите и енергетската транзиција. Работењето на овие прашања може да биде силен адут во рацете на актуелната влада. Македонија со години е зависна од увоз на енергија, а држава која нема енергетска автономија, нема ни економска стабилност.
Нешто кое што е особено интересно и претставува вистински новитет во политичкиот дискурс во државата, е пораката во однос на вреднувањето на работната сила во Македонија. Македонската економија мора да излезе од историската замка на ниски плати, евтина работна сила и ограниченото производство. Пораката на Мицкоски дека земјата мора да направи структурен премин до 2030 година, односно, од економија на евтино производство, кон економија на знаење, високи компетенции и додадена вредност, претставува иницијален момент за вистинска пресвртница во менталниот склоп на македонскиот човек.
За остварувањето на оваа цел мора да бидат вклучени сите потенцијали, почнувајќи од државата, која мора да спроведе системски реформски циклус во повеќе области, преку бизнис секторот, кој со осовременување треба да се претвори во мотор на економскиот раст, па се до квалификуваната и компетентна работна сила, која ќе биде паралелен двигател на ваквиот процес.
За сето ова да стане реалност, младите мора да престанат да се иселуваат од Македонија. Тие се најголемите кредитори на иднината и развојот на државата, а генерацијата родена во овој век го живее најмасовното иселување во нашата историја. Оваа генерација нема трпение за старите политички навики и затоа државата мора да им овозможи јасна перспектива, квалитетно образование, достоинствени и платени работни места.
Ваквите пораки укажуваат на тоа дека владејачката партија и Мицкоски јасно ги согледале сите клучни елементи на кои што треба да се фокусираат во наредниот период. Тој фокус треба да биде целосен и сеопфатен, не само од власта, туку и од сите чинители во општеството. Впрочем, интересот е општ и се однесува на сите нас.
Доколку она што едните го градат преку ден, другите го опструираат и рушат преку ноќ, нема да успееме да ја постигнеме заедничката цел. „Стратегијата 2030“ е сериозен документ кој суштински пристапува кон состојбата во Македонија и нуди суштински решенија и правци на движење. Овие правци се јасно препознаени од најголемиот дел од граѓаните веќе подолг период, но до сега не постоеше организирана форма на функционирање која беше во состојба да направи сублимат и концепт за реализација.
Пораките кои што ги слушнавме на Конгресот се охрабрувачки и говорат за тоа дека таквата организирана форма постои и веќе активно работи на спроведување на зацртаните цели. Среќната околност е тоа што токму таа организирана форма во моментов раководи со Владата на Македонија и нејзините политики ќе може непречено да ги имплементира на владино и државно ниво… во интерес на сите граѓани на Македонија.

Македонски







