
Автор: Нермин Теловска
Меѓународниот ден на логопедската терапија, се одбележува секоја година на 6-ти март. Овој ден претставува битен потсетник за значајната улога што ја играат логопедите во подобрувањето на комуникациските вештини и подобрувањето на квалитетот на животот на лицата со нарушувања на говорот, јазикот и гласот.
Од професионалците не се бара само да се вешти логопеди, туку да се и сочувствителни застапници на своите клиенти. Тие работат неуморно за да проценат, дијагностицираат и третираат широк спектар на комуникациски нарушувања, од доцнење на говорот и јазикот во детството до неврогени нарушувања кај возрасните. Нивните напори им помагаат на поединците да го вратат гласот, да се поврзат со другите и целосно да учествуваат во нивните заедници.
Оваа година, темата на Меѓународниот ден на логопедската терапија е зајакнување на комуникацијата за сите. Оваа тема ја нагласува важноста на инклузивноста и пристапноста во комуникацијата, потсетува дека секој заслужува можност да комуницира ефикасно, без оглед на сопствените предизвици. Додека го одбележуваме овој ден, да се посветиме на промовирањето свест за нарушувањата на говорот и јазикот и да се залагаме за ресурсите и поддршката што им се потребни на поединците.
Ефикасната комуникација се случува кога секој може јасно и прецизно да разменува информации на начините што најдобро функционираат за него или неа. За лицата со пречки во комуникацијата, ова може да значи обезбедување на различни комуникациски помагала и услуги.
Зошто е важен пристапот до ефикасна комуникација?
Ефикасната комуникација е основно човеково право. Да се направи пристапна е особено важно за луѓето со нарушен слух и говорно јазични потешкотии, кои често се соочуваат со бариери во здравствената заштита. Кога поединците ја немаат потребната информативна и комуникациска поддршка, тоа може да доведе до последици во нивното секојдневно функционирање а со тоа и нарушен квалитет на животот.
Како професионалци, мора да ги прифатиме истражувањата и новите технологии кои ја подобруваат нашата способност да им служиме на нашите клиенти и да продолжиме да се залагаме за нашата професија, осигурувајќи дека патологијата на говорот и јазикот останува витален дел од здравствената заштита и образованието. Сите логопеди заедно, да продолжиме да ја подигаме свеста, да промовираме разбирање и да ги поттикнеме поединците од сите возрасти ефикасно да комуницираат, да ги соопштуваат своите мисли, потреби и соништа. Работата на логопедот во детските градинки, училишта, болници, клиники и приватни ординации, влијае на безброј животи секој ден. Од помагање на децата да ги надминат пречките во говорот до поддршка на возрасните кои закрепнуваат од мозочен удар, логопедите со својата експертиза даваат директна поддршка во позитивната трансформација на животите, ги зајакнуваат заедниците, создаваат свет во кој секој ќе има можност да се изрази и да биде слушнат.