Skip to main content

Да не решиле да нѐ заменат?

Едно прашање за кое граѓаните на една држава не би требало да се прашуваат, е дали властите на таа држава воопшто ги сакаат своите граѓани, сакаат да ги има во поголем број или пак сакаат на некој начин да ги отстранат. Човек би рекол дека основен предуслов за работното место да претставуваш еден народ, да бидеш негов водач, е да го сакаш тој народ.

На Балканот неодамна имавме екстремни ситуации да властите очигледно сакаат да задржат еден дел од граѓаните, но да отстранат друг. Смртта на Ратко Младиќ, а богами и труењето во Гостивар, не потсетија на тие времиња, кога властите отворено им сигнализираа на дел од граѓаните дека не ги сакаат веќе и дека им е време да се спакуваат – или.. Труењето во Гостивар очигледно е резултат на елементарна неспособност на локалните власти, но се сеќаваме како во СФРЈ повремено избиваа паники околу труење со вода или лекови, кога обично албанското население, свесно дека српските власти кои управуваат со јавните претпријатија, не ги сакаат таму, и реагираа со крајна недоверба кон основните јавни сервиси – водата, храната, вакцините.


Така беше на Балканот во 1990ите. Но, во последно време во западните земји граѓаните (со право) си го поставуваат истото прашање – и тоа не дали властите се настрвени против имигрантското население, туку против домородното население. Особено по мигрантската криза во 2015-2016та, и изборот на Обама во 2008ма, Американците, Германците, Швеѓаните, Белгијанците.. си го поставуваат прашањето дали нивните власти сакаат да владеат со национални држави со вековни изградени култури и традиции.

Слично прашање си го поставуваа и Македонците под режимот на СДС. Гледајќи како Заев на јавна сцена тргува со историјата, националната припадност, се пазари со соседите, како Шекеринска се смешка во канцеларија претворена во штаб на УЧК, како се спремни да се потпрат на албанските гласови да ги надгласаат Македонците по прашања на национален идентитет. Своевидна автошовинистичка инверзија на екстремниот балкански национализам од 1990ите, која, како резултат, имаше распалување на класичниот балкански национализам кај нашите соседи кои намирисаа дека со СДС на власт, крајот како народ и држава ни е блиску.


Ваквото однесување создава екстремно ниво на недоверба кај граѓаните кон власта. Ако овие очигледно сакаат да ме надгласаат, а потоа и заменат со некој друг, ако очигледно фалсификуваат јавни процеси како референдумот или пописот, со цел што побргу да ме снема, како да им поверувам дека не ги злоупотребуваат јавните системи со кои управуваат како што се школството и здравството против мене?

Оваа длабока недоверба се покажа за време на Ковид кризата, кога имаше широко распространета и јавна недоверба против елемент на јавното здравство – вакцинирањето – кое обично уживало 100 процентна доверба. И покрај масовната кампања, во Македонија и низ Балканот стапката на вакцинирање остана под 50 проценти. Довербата, еднаш изгубена, тешко се враќа. Сомнежот дека највисокиот врв на власта која те претставува работи против тебе е постојано всаден во умот на граѓаните, и попусто тука обвинуваме руски, кинески или американски пропаганди – виновници се нашите политичари.


Деновиве доаѓаме до нова криза на доверба во системот, а прашањето кое не мачи е идентично – да не сме им вишок на овие, да не решиле да не заменат? Во случајов стравот не е дека сакаат да не убијат со вакцини или заменат со мигранти, туку со роботи и вештачка интелигенција. Хистеријата се шири паралелно кај нас и низ западниот свет, што личи на некавка координација. Стравот се шири околу неколкуте рани најави дека Македонија е отворена за изградба на комерцијални дата центри, вклучително и од типот на центри потребни за развој на АИ индустријата.


Притоа, не е до толку проблем самиот производ – Македонците веќе масовно користат АИ, дали како конзумери на АИ видеа, или како алатка – барем во круговите каде што јас се движам, АИ драматично ја зголемува продуктивноста, но служи и за забава, добивање препораки за ресторани, почнување на помали бизнис проекти за дополнителни приходи.. Проблемот е во тоа што овој производ бара и физичка инфраструктура за да може да постои.

Во некои случаи, како што е автоматското возење, таа инфраструктура мора и физички да биде релативно блиску до корисникот – не можеме да очекуваме сите дата центри да бидат изградени некаде на Запад. Таа инфраструктура повлекува проблеми, но во исто време е и единствената динамична индустриска гранка во светот во која се влеваат, без претерување, стотици милијарди до трилиони долари. Оттаму, очекувањата се дека невидените ресурси кои влегуваат во индустријата ќе овозможат најдобрите експерти да се вклучат во решавање на проблемите, и лесно да се најдат финансии за да се изградат разни придружни капацитети – пред се енергетските капацитети.


Еден проблем на кој се фокусираат критичарите на изградбата на дата центрите е што тие генерираат топлина околу себе, и бараат вода за разладување – притоа во постарите центри голем дел од водата испарува, и треба да почекаме неколку недели/месеци за да ни се врати во вид на дожд/снег. Претпоствувам дека АИ индустријата не се сетила да го реши овој проблем од старт бидејќи не се сеќавам досега да се поставувал како прашање – во Македонија има термоцентрали (термо = топло) кои го загреваат воздухот околу Битола, Неготино, Скопје.. па не се сеќавам некој да го покренал тоа како проблем досега.

Македонија можеби нема капацитети каде што водата се користи за разладување на поголем индустриски објект, но деновиве, откако падна нивото на Дунав, слушнавме дека тоа е стандардно решение во нуклеарните централи во Унгарија и Романија. Но добро, штом критиката на АИ индустријата (од каде и да доаѓа) се реши битката да ја води на оваа тема, гледаме дека забрзано се нудат решенија на проблемот со разладување, па така се дизајнираат дата центри со затворени системи за разладување, па дури има можност топлината да се искористи продуктивно.


Премиерот Мицкоски, во интервју за Брајтбарт, јасно го поврза долго најавуваниот хидро проект Чебрен/Галиште со развојот на оваа индустрија во Македонија. Имајќи ги предвид огромните суми кои влегуваат во АИ индустријата, можно е токму со нив да се реализира овој, па и други многу пати одложувани енергетски проекти во Македонија.

Струјата произведена од неискористениот хидро потенцијал може да оди за топење руда и развој на тешка индустрија, а може да оди за споредбено релативно чистата АИ инфраструктура. Иронијата е во тоа што е можно инвестициите во нови енергетски капацитети да бидат поголеми од потребите на АИ индустријата, и на крајот на очекуваниот инвестициски циклус да добиеме вишок енергија (за хидро централите е потребно подолго време да се изградат, но гасни централи, за кои исто така ги градиме потребните гасоводи, може да се активираат релативно бргу – гасот притоа секако ќе го плаќа тој што ќе го троши).


Но добро, и да се решат прашањата на топлината, водата и струјата, останува проблемот дека АИ индустријата е тука да не замени нас, луѓето, работниците, нели? Сакаат да не нема и да не заменат со роботи, така? И да и не. Факт е дека огромен број занаети и производни процеси од минатото веќе се заменети со машини. Жените не одат на река да ги перат алиштата, а мажите не одат веќе со магарињата по ридови да собираат дрво за на зима (иако преголем дел од земјата се уште се грее на дрва), занаети како самарџиство и дограмаџиство се заменети со поголемо или помало ниво на автоматизација, па сепак немаме масовна невработеност. Со автоматизирањето на мачните, репетитивни, механички работи и процеси, се отвори огромен број нови, често пати полесни, почисти, покомфорни професии како што се туризмот, и ширење на образованието и здравството.


Сегашното ниво на индустријализација е постигнато со статични машини, без „интелигенција“ и присособливост, кои можат да вршат еден едноставен процес на едно место. Но, веќе сме дојдени до ниво на развој на науката да можеме да автоматизираме огромен број на процеси со тоа што машините ќе имаат одредена автономија и приспособливост. Од тоа што можеме да го видиме во раната фаза на АИ, за почеток, огромен број канцелариски процеси може да се заменат уште денес – секој вид на обработка на податоци, графички дизајн, дејности како сметководство, архитектура.. Сите ние во лаптоп класата што почнавме да користиме АИ во секојдневната работа добивме многу корисен помошник, но практично во исто време ја обучуваме нашата дигитална замена. Следната фаза на развојот на АИ е префрлање на оваа технологија од канцелариите во реалната сфера, во дронови и роботи.

И, како што обично се случува тоа во историјата на човештвото, овој технолошки напредок за жал доаѓа преку војна. Сведоци сме како војната во Украина е веќе значително автоматизирана, и наскоро ќе видиме судир на целосно автономни воени системи на ниво на чети и батаљони. Како што по крајот на Втората Светска Војна сме виделе подем на цивилна употреба на авионот и автомобилот, така и по војната во Украина ќе ги видиме воените дронови како се демобилизираат да вршат достава, мешаат бетон или сечат дрва.


Овој процес на автоматизација веројатно немаше ни да се случи да го имавме во изобилство основниот ресурс – човекот. Но, веќе со децении наназад демографијата во западните земји, во источните земји, а сега веќе и во Третиот Свет, е во драматичен пад дотаму што веќе на сите ни е јасно дека постоечкиот општествен и економски модел е неодржлив. Западните држави почнаа да го решаваат овој проблем така што си направија многу поголем проблем, со увоз на мигранти од Третиот Свет. Стотици терористички напади и десетици илјади силувања подоцна, ставањето крај на политиката на отворени граници стана главно политичко прашање на Западот.

Ако го читате Илон Маск, кој деновиве ги намалува капацитетите за производство на автомобилите Тесла за да го забрза производството на хуманоидните роботи Оптимус, автоматизацијата е неопходна за да престане демографската трансформација на Западот. Илон најбуквално слика иднина во која државите ќе можат да го зачуваат својот национален карактер, дури и со сегашната намалена демографија, а притоа нема да трпат сериозни економски последици – недостатокот на работна сила ќе се надомести со автономни машини.


Македонија помина низ процес на реиндустријализација, кој почна во 2007 година. Тогаш се уште проблемот ни беше големиот вишок на работна сила и невработеноста од над 30 проценти. Реиндустријализацијата што ја спроведовме се засноваше на производство на автомобилски делови во фабрички хали со вршење на повторувачки, механички движења. Овие нови погони делумно ги повлекоа работниците од текстилните фабрики, кои со децении претходно функционираа со сличен производствен процес – едноставни механички движења кои се повторуваат осум часа на ден, испрекинати со пауза за кафе и чамче муабет.

Пред да влезат во халите, многу генерации Македонци детството го поминале во нижење тутун и берење лозје. Тутунот, грозјето, волната, текстилот, тоа се стопански гранки кои не одржале како народ, со нив израснале генерации деца и се одржале безбројни семејства. Но тоа е преживување. Денес ја имаме технологијата во голема мерка да ги автоматизираме овие процеси кои, да си кажеме искрено и чесно, се под достоинството на човекот во 21 век, и кои се повеќе луѓе ги напуштаат, а останува да ги работи само оној кој мора.


Во поразвиените држави не во Европа, туку на Балканот, професиите кои ги наведов погоре се префрлаат кон мигрантски работници – Хрватска одамна бара овчари, во поново време и келнери и шофери, цели градови ни одат во Италија за берба на лозјата, а низ рестораните и супермаркетите во Скопје веќе можат да се видат работници од Далечниот Исток додека некои од новите згради ги градеа Курди.

А сепак, нај-анти-мигрантската партија на Балканите – СДС – деновиве труби против развојот на АИ технологијата која може да пополни голем број работни места кои инаку, како што тргнало, ќе отидат кај мигранти. (дилемата што ја отвори Илон со поврзување на прашањето на АИ и миграцијата најпластично ја претставуваат два синџири на супермаркети во Македонија – во едниот се почесто може да се видат вработени мигранти, а другиот силно инвестира во апарати за самонаплатување – на крајот, некој ќе мора да ја заврши работата што домашните не сакаат да ја сработат – изборот ќе се сведе, или дата центар, или камп за мигранти).


Притоа, да бидеме реални, дата центрите нема да вработат многу луѓе. Тие првично ќе обезбедат работа за градежни работници, а потоа убави работни места за мала група високо специјализирани технички лица. Но, нивниот придонес не е во директните работните места. Дата центрите ќе бидат како бензинските пумпи – тие имаат малку вработени лица, но обезбедуваат погонско гориво за илјадници машини кои многукратно ја зголемуваат продуктивноста на човекот. Примената на вештачката интелигенција во канцелариските, а потоа и во реалните работни места, ќе значи драматично зголемување на продуктивноста на сите нас, далеку повеќе од појавата на автомобилот. Можностите се толку големи што човек просто не знае од каде да почне.


Во Македонија веќе има компании кои даваат канцелариски услуги на странски држави – во сметководство, однос со клиенти, графички дизајн, транспорт (популарните камионџиски фирми). Синергијата на овие компании со вештачката интелигенција може да значи преземање на нови пазари и нови клиенти, и создавање повеќе, а не помалку работни места. Вештачката интелигенција веќе бриљира во најсофистицираните дејности како што е медицинската дијагностика. Не е далеку денот кога ехо, магнетна резонанца или компјутерска томографија ќе може да се закаже како правење фризура или нокти, по цена од 500 денари, бидејќи со АИ го надминуваме најпроблематичното тесно грло – високо-стручниот дијагностичар кој треба да ја анализира снимката. Најоптимистичните технофутуристи сметаат дека сме блиску и до вршење на полесни оперативни зафати со помош на АИ.

Сигурен сум дека повеќето од нас веќе го консултирале Грок или ЧетЏПТ за резултатите на вашата крвна слика или ефектите на некој лек – услуга која одзема многу време или многу пари, зависно дали ќе се обидете да ја добиете кај државен или приватен лекар. Обични граѓани ќе можат да ја консултираат вештачката интелигенција за архитектурен дизајн или да добијат врвни правни услуги во случаи кога нешто им било згрешено и им било повредено некое право, на ниво кое сега е резервирано само за најбогатите. Доколку граѓанинот не може да ја добие правдината на суд, ќе може да креира стручно напишан медиумски текст и да добие готов план за негово споделување на социјалните мрежи, и за мали пари да сврти внимание на јавноста на својот проблем – услуга за која многу пати во животот сум гледал како им е достапна само на богатите и влијателните кои поседуваат медиуми.


Назад во реалниот сектор, со вештачката интелигенција, на чекор сме да вратиме во живот некои гранки кои практично изумреа поради празнењето на селата – Македонија денес, на пример, има одвај четвртина од бројот на овци кои ги имала во 1960 година и третина од кравите. Пола земја која некогаш ни била полна со живот се претвора во пустелија – што е добро ако сакаме да влеземе во конкуренција за Оскар за најдобар странски филм еднаш на 20 години снимајќи некое испустено село, но не е одржливо како општествен модел. Автоматизацијата на земјоделието и градежништвото, два сектори кој најкритично се погодени од недостигот на работната рака, ја нуди најпозитивната верзија на иднината – изобилство на здрава храна и живеалишта по разумна цена.


Оваа иднина сепак, со себе повлекува и голем ризик. Идеално би било оваа верзија на иднината да им припаѓа на сите. Секој да може да отвори своја фарма, механичарска работилница, градежна фирма, во која ќе може да ја развива својата визија, изградена врз исклучително ефтината работна сила која ни е на дофат, додека дронови му ги следат стадата, мешаат малтер за викендичката и гаснат шумски пожари пред да се прошират. На чекор сме од реализирање на визијата секој човек да биде крал. И не грижете се дека ќе ни снема работа, и ќе бидеме невработени.

Пред нас секако остануваат огромни обврски кои мораме да ги исполниме – образованието на најмладите и грижата за постарите (која станува огромен товар за западните општества). Елиминирањето на механичките, репетитивни работни места ќе ни овозможи да се посветиме на дејностите каде што се уште е неопходен човечкиот допир.


Тоа беше позитивната визија за иднината. Негативната е исто така многу можна и стравувањата се реални. Не зборувам за проблемите како водата или струјата или бучавата, кои лесно се решаваат, туку за суштината на оваа нова индустриска ера. Веќе рековме како целата АИ индустрија се развива во услови на брутални војни – придобивките ќе ги уживаме откако војните ќе завршат, но претходно многу лесно може да се случи војните да се прошират. Да се вратиме на дилемата од почетокот на текстот – многу зависи од тоа дали тие што раководат со нас навистина сакаат да останеме тука.

Исто така, лесно може да се случи плодовите од оваа иднина да ги приграбат мал број на олигарси и корпорации. Општеството ќе ја прифати визијата за технолошки напредната иднина само ако сите имаат дел од неа, иднина во која секој човек ќе работи како организатор, планер, обсмислувач на трудот, секој во својот домен, додека заглупувачката, репетитивна работа ја вршат автомати.

Понатаму, Македонија е земја во која западните земји не ни криеа дека не снимаат на секој чекор и се спремни тоа да го употребат против нас за да реализираат одредена своја цел (или просто како вежбовна операција за работите кои ги прават дома или во други, поголеми држави) – со вештачката интелигенција овој упад во приватноста на човекот ќе биде стократен – АИ пред тебе ќе знае дека си на пат да згрешиш нешто. А ова се само заканите кои доаѓаат од олигарсите или тоталитарните влади кои ги контролираат АИ системите – уште не сме ја спомнале опасноста самата АИ еден убав ден да реши дека не дата центрите, туку ние сме тие кои трошат премногу вода и енергија и ја загреваат нејзината планета. Сепак, тоа се закани кои ние нема да можеме да ги запреме, а само будали се нервираат за работи кои не можат да ги променат.


Во делот каде што можеме да влијаеме и да промениме нешто, во нашите градови и општини, веројатно досега ни е јасно кој ни мисли добро и кој се грижи за својот дом. Веќе сме поминале низ неколку вакви револуции – нашите дедовци и прадедовци се соочиле со чудесијата на возовите, телеграфите, првите индустриски машини, струјата, автомобилот, телевизорот и телефонот. Со неограничената нуклеарна енергија и вселенската програма, нашите татковци виделе можност за иднина достојна на човекот, но оттогаш Човештвото како да стои во место. Кај нас дури и назадуваше, со растурање на земјоделието и индустриската база, и обид економијата да се гради на база на коцкање и марихуана, со јасно брзање што поскоро да не снема.

Денес, барем мала утеха може да ни биде, тоа што ни во Македонија ниту во САД, на власт не се докажани автошовинисти, што имавме до скоро. Затоа, можеби ќе се покажам како крајно наивен, но се сеќавам дека како деца, пред се да тргне наопаку, имавме некаква претстава за светлата иднина која не чека. А сега конечно ни се нуди и алатка да ја оствариме. 

Поврзани вести