
Шеснаесето гостување на изложбата „Вечито – Богдан Богдановиќ“ во НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, во соработка со НУ Завод и Музеј Прилеп. Изложбата ќе биде отворена на 9 октомври, четврток во 14 часот во фоајето од ЦК „Марко Цепенков“.
Изложбата ќе ги претстави резултатите од најновите истражувања на спомениците на Богдан Богдановиќ во Македонија, заедно со богата ретроспективна поставка на целиот опус на овој автор. Изложбата беше најавена со работилници за деца и млади во текот на целата измината недела, ( ги реализираше Завод и музеј Прилеп) преку кои на креативно-ликовен начин го запознаа уметничкиот свет на Богдановиќ, но и сопственото културно наследство на локалитетот Могила на непобедените.
Работилниците ги водеше историчарката на уметност Аида Шарац Бербиќ, музејски едукатор.
За време на траењето на изложбата, до 25 октомври, подготвена е богата придружна програма која вклучува кустоски водства низ изложбата, премиерно прикажување на филмот „Делото на Богдан Богдановиќ видено од земја и од небо“ (88 мин.) од авторот Предраг Новаковиќ, како и дигиталната училница „ВЕЧИТО – Богдан Богдановиќ“.

Богдан Богдановиќ (1922, Белград – 2010, Виена) бил српски и југословенски архитект. Целиот свој живот ги градеше меморијалите посветени на Народноослободителната борба и Револуцијата во Втората светска војна. И самиот бил учесник во оваа војна, како доброволец и партизан, кога бил и тешко ранет.
По дипломирањето на Архитектонскиот факултет во Белград во 1950 година, се вработува на истиот факултет и до пензионирањето во 1987 година предава урбанистички предмети. Ја основал Алтернативната школа за филозофија на архитектурата во Мали Поповиќ (1976), бил градоначалник на Белград (1982–1986), и целиот живот, покрај проектирањето, цртал и пишувал – зад себе оставил повеќе од 12.000 цртежи (во Архитектонскиот центар во Виена), околу 500 текстови во весници и списанија и 20 книги.
Најзначајното наследство на Богдановиќ се 20 монументални споменици посветени на жртвите на фашизмот и НОБ, изградени низ целата СФРЈ од почетокот на 1950-тите до почетокот на 1980-тите години.