Skip to main content

На 19 октомври гласајте за број 9, за да ги реализираме проектите, порача Николоски од митингот во Новаци

Задоволство е да се биде тука и да се гледаат реализирани проекти. Овие четири години градоначалникот направи многу. Од нив, околу три години беа тешки поради отежната соработка со претходната Влада на СДСМ и ДУИ, но во изминативе година и два месеци заеднички работиме за да се реализира што е можно повеќе проекти, наменети за сите населени места во општина Новаци, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски на митинг во Новаци.

Тој посочи дека најголем и најзначаен проект во моментов е изградбата на автопатот Прилеп – Битола, долг 40 километри, кој, како што рече, претставува еден од најголемите инфраструктурни зафати во Македонија.

Овој автопат целосно ќе го промени начинот на живот во општините Новаци, Битола, Могила и целиот пелагониски регион. Ќе овозможи поблиска комуникација со главниот град и ќе придонесе за развој на Коридорот 10Д, што значи патување од Скопје до Атина за околу пет часа, наместо сегашните осум. Тоа ќе донесе повеќе туристи, повеќе можности за туризам и угостителство и подобра поврзаност со остатокот од државата, рече Николоски.

Тој додаде дека проектот се надоврзува на веќе пуштениот експресен пат Градско – Фариш, а следен предизвик е решавањето на делницата Фариш – Прилеп, која ќе биде поврзана со автопат или експресен пат.

За да можеме да ги реализираме овие и многу други проекти, потребно е да имаме мнозинство во Советот и градоначалникот да победи уште во првиот круг. Затоа, број 9 на 19 октомври и вечерта заедно да славиме, порача Николоски.

Поврзани вести