
Моќни мисли и зборови на реномирани македонски и европски писатели можеа да се чујат на единаесетотто издание на фестивалот на европска литература „Букстар“, кој се одржуваше од 29 септември до 2 октомври.
Годинашниот фестивалски слоган гласeше „За писателцките работи“, а својот корен го има во делото на Крсте Мисирков (1874 – 1926), во пресрет на јубилејот сто години од неговата смрт (2026).
„За писателцките работи“ како мотив се провлекуваше низ целиот фестивал како мотив, концизно смислен со фокус на проблемите со кои се соочуваат писателите, кои говореа низ своја призма, како во интимистички, така и во општествен контекст.
Годинава гости беа голем број македонски имиња, па публиката имаше можност да чуе бројни разговори со Калина Малеска, Блаже Миневски, Александар Прокопиев, Ермис Лафазановски, Владимир Мартиновски, Оливера Ќорвезироска, Жарко Кујунџиски, Михајло Свидерски, Дијана Петрова, Иван Шопов, Сања Михајловиќ-Костадиновска, Иван Антоновски…
И годинава од фестивалот дел беа светски имиња од светот на книжевноста, па македонската публика имаше можност да ги види Петра Клабоухова (Чешка), Серај Шахинер (Турција), Шоле Резазаде (Холандија/Иран), Онджеј Штиндл (Чешка), Мајнхард Раухенштајнер (Австрија) и Ахмет Умит (Турција).
Првиот фестивалски ден, во полната сала на Културно-информативниот центар во Скопје, беше доделена наградата „Букстар“ за најактуелна книга меѓу двете изданија на фестивалот. За првпат оваа награда е доделена на македонски автор – Блаже Миневски за збирката раскази „Опаш во устата“ („Антолог“, 2025).
– Годинава, под слоганот „За писателцките работи“, поставивме една симболика што има длабоки корени во нашата културна историја и меморија. Слоганот е инспириран од делото на Крсте Мисирков, чиј јубилеј – сто години од неговата смрт – ќе го одбележиме следната година. Со ова сакавме да укажеме дека книжевноста не е само уметнички вид, туку и чин на одговорност, на визија, на заедништво и на храброст. Сакаме да проговориме за интимната и често невидлива битка зад секое дело, за силата на зборот кој може да го обликува, не само животот на авторот, туку и целото општество – истакна на отворањето основачот на фестивалот „Букстар“, Жарко Кујунџиски.
Потоа публиката имаше можност да ужива во разговорот на двa моќни женски книжевни гласa од различни делови на Европа — чешката писателка Петра Клабоухова и турската авторка Серај Шахинер, кои ги отворија најчувствителните, но и најважните прашања на денешнината: положбата на жената во општествата обележани со политички репресии, замолчување, класни неправди и насилство.
Вљубениците во книжевноста беа сведоци и на еден многу продуктивен и духовит разговор со авторите Блаже Миневски, Александар Прокопиев, Ермис Лафазановски и Оливера Ќорвезироска.
Тие дебатираа на темата што значи да се биде „класик“ во македонската книжевност, дали такви имиња навистина постојат, кои се тие и според кои критериуми ги препознаваме. Се говореше и за третманот на писателите кои веќе се сметаат за класици, но и за оние кои би можеле да станат дел од таа категорија во иднина, дали нивните дела се доволно присутни во јавноста, колку се застапени во образовните програми и што тоа значи за идните генерации читатели.
Вториот фестивалски ден се одржаа инвентивни и интересни разговори. Во првиот дел од фестивалската вечер публиката можеше да ги чуе македонските автори Калина Малеска, Жарко Кујунџиски, Михајло Свидерски, Дијана Петрова и Иван Антоновски.
На дебатата се отворија мошне сериозни прашања: Што значи да се биде писател денес? Дали книжевната работа може да се сфати како професија, или таа останува во полето на ентузијазмот и страста за пишување? Во какви (не)прилики вегетира домашната литература? На кои обврски и права подлежи македонскиот писател? Овој панел ја отвори темата за писателските работи во најширока смисла – од создавањето на делото до неговиот пат кон читателот. Посебно внимание се посвети на предизвиците со кои се соочуваат авторите: финансиската неизвесност, ограничениот пазар, недоволната поддршка за промоција и преводи, како и соработката со издавачите. Панелотот го отвори и прашања за хонорарите – како се вреднува писателската работа, што значи фер-надомест, како се пресметува процент од продажба и како се создава систем во кој пишувањето може да стане професија.
Во вториот дел на вечерта публиката можеше да го чуе разговорот меѓу авторите Шоле Резазаде (Холандија/Иран) и Онджеј Штиндл (Чешка).
Шоле Резазаде, иранско-холандска писателка и поетеса говореше за романот „Знам планина што ме чека“, за бегството од градската брзина и за трагањето по простор за душата, за нејзините приказни што се мост меѓу два света – Западна Европа и Блискиот Исток.
Онджеј Штиндл, чешки романсиер и сценарист, отвори психолошка и филозофска анализа на животот во сенката на глобална криза, каде што пандемијата станува катализатор за преиспитување на смислата на постоењето, љубовта и загубата.
Третиот фестивалски ден се одржа книжевно читање во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, насловено „За писателцките работи“. Читањето беше замислено како мешавина од домашна и странска енергија во синергија, па можеа да се чујат моќните гласови на Шоле Резазаде (Холандија/Иран), Серај Шахинер (Турција), Онджеј Штиндл (Чешка), Ахмет Умит (Турција), Мајнхард Раухенштајнер (Австрија), додека домашни учесници беа Блаже Миневски, Александар Прокопиев, Калина Малеска, Ермис Лафазановски, Михајло Свидерски, Иван Антоновски и Дијана Петрова.
Можеби централен настан на фестивалот беше разговорот со светски познатиот турски писател Ахмет Умит, мајстор на модерниот криминалистички роман.
Бројна публика дојде да го испочитува овој култен автор, а потоа се чекаа и редици за да им ги потпише книгите. Спонтан, природен, осторумен и полн со хумористични приказни,Умит ја освои скопската публика и во живо.
– Ова ми е третпат како доаѓам во Скопје. И секогаш тоа е поврзано со некои книжевни настани. Првиот пат Скопје многу ми се допадна, вториот пат многу ми се допадна повторно, а третиов пат паднав во несвест – рече Умит.
Тој раскажуваше за неговите почетоци, за процесот додека ги пишува книгите, за идеалите.
Последниот фестивалски ден публиката имаше можност да присуствува на еден ексклузивен настан „На кафе со Ахмет Умит“, кој се одржа во „Рамстор мол“, а вљубениците во крими-романите имаат можност да добијат автограм, да се фотографираат и да разговараат со овој автор со светска слава.
На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ беше доделена и наградата за најдобар книжевен превод на македонски јазик „Драги“ за 2025 година, која ја доби Лидија Танушевска, за превод од полски јазик на делото „Емпусион“ од авторката Олга Токарчук во издание на „Антолог“.
Комисијата за доделување на наградата во состав проф. д-р Анастасија Ѓурчинова, претставник од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, д-р Јана Михајловска, член од семејството на Драги Михајловски и Иван Шопов, претставник одбран од издавачката куќа „Антолог“, имаше пет финалисти за оваа награда.
Покрај Лидија Танушевска, меѓу финалистите беа и Ермис Лафазановски за преводот од романски јазик на „Летото во кое мама имаше зелени очи“ од Татјана Цибуљак, издание на „Три“, 2024 година; Јасминка Марковска за преводот од норвешки јазик на „Утро и вечер“ од Јун Фосе, издание на „Артконект“, 2024 година; Калина Малеска за преводот од англиски јазик на „Слобода: созревање на крајот на историјата“ од Леа Ипи, издание на „Или-или“, 2024 година и Милан Дамјановски за преводот од англиски јазик на „Десет раскази“ од О. Хенри, издание на „Светла комора“, 2024 година.
Фестивалот заврши со книжевниот настан „Правда за кратката проза!“, кој се одржи во кафе-книжарницата „Буква“, а на кој беа учесници Мајнхард Раухенштајнер (Австрија), Владимир Мартиновски, Сања Михајловиќ-Костадиновска и Иван Шопов.
Побогати со нови искуства, нови сознанија, нова мудрост, но и со многу забава заминавме од единаесеттото издание на „Букстар“. „Писателцките“ работи се интерес на секој што ја сака книжевноста. А кога нешто сакаш, го прегрнуваш и го негуваш како што се негува некој што го љубиш. Годинава тоа беше зборот.