Skip to main content

Промоција на антологијата „Работилница за поправка на чувства“ на ГБСК

Станува збор за збирка поезија, проза и драма на 15 млади креативци кои беа дел од Работилницата за креативно пишување на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ - Скопје, под менторство на писателот Александар Русјаков.

В сабота (4 октомври) во 19 часот во холот на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ќе биде промовирана книгата „Работилница за поправка на чувства (втора антологија на иднината)“.

Во периодот од октомври до декември 2024 година, 15 средношколци и студенти низ интерактивен процес и дискусија учеа за основите на поезијата, прозата и драмата во рамките на втората работилница за креативно пишување на ГБСК. Резултат на нивната работа е збирката „Работилница за поправка на чувства (Втора aнтологија на иднината)“. Автор на корицата е еден учесниците, Горјан Азманов, а издавач е Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје.

-Првата работилница, која се одржа во април и мај 2023 година се преточи во книгата „Антологија на иднината“ (2024). Книгата, која доживеа прекрасна промоција и голем интерес кај публиката, ни беше поттик за понатаму. Книгата што сега е пред вас, со луциден наслов „Работилница за поправки на чувства (Втора антологија на иднината)“ произлезе од втората работилница. Искрено се надевам дека и оваа книга ќе го пронајде својот пат до читателите и ќе ја исполни својата цел – да биде поттик за други книги од овие автори на иднината. Тоа што најмногу нѐ радува е интересот кај младите креативци и нивното барање: работилницата да продолжи – пишува во предговорот Снежана Стојчевска, директорка на Библиотеката.

Најдоброто од втората работилница за креативно пишување го имате в раце, втората антологија на иднината, подвлекува и менторот Русјаков:

-Светот е полуден, тие се луцидни. Човештвото се бунтува против здравиот разум, овие се разумни. Гнев и агресија гледаме на секој чекор, а младиве креативни луѓе шират некој чуден мир околу себе. Денес секој оди во крајности, сè повеќе луѓе што ги познавам трчаат кон екстреми, а кога се дружам со овие млади луѓе на средбите од книжевната работилница, чувствувам хармонија што тешко денес се објаснува – пишува Русјаков. Антологијата ќе биде достапна во сите библиотеки од мрежата на ГБСК.

Промоцијата на антологијата „Работилница за поправка на чувства“ е в сабота (4 октомври) во 19 часот во холот на Градската библиотека. Песни и проза ќе читаат застапените автори, а за проектот ќе говорат директорката Стојчевска, менторот Русјаков и координаторката на работилницата, Александра Јуруковска.

Настанот е во рамките на годинашната „Бела ноќ“.

Поврзани вести