Skip to main content

Темели за иднината на Скопје

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски на денешниот митинг во Скопје на првиот ден од кампањата за локалните избори, истакна дека програмата за Скопје е изградена врз седум столбови, темели за иднината на градот.

Првиот столб е одржлив урбан развој.

Скопје мора да има долгорочна визија, а не планови од денес за утре.

-Ќе изработиме визија „Скопје 2025–2045“. 20-годишен стратешки документ изготвен од меѓународни и наши експерти, кој во себе ќе ги интегрира просторното планирање, мобилноста, зелената инфраструктура, енергетската ефикасност, управувањето со ресурси, социјалната инклузија и заштитата на културното наследство, согласно европските стандарди за квалитет на живеење. Ќе ја вратиме функцијата Градски архитект и ќе формираме ново јавно претпријатие „Урбан Центар Скопје“, за да го вратиме планирањето во рацете на стручноста и граѓаните, а не на приватните интереси. Секоја одлука во урбанизмот ќе ја носиме заедно, со тим на најдобри експерти, архитекти и градежни инженери. За крупните одлуки ќе имаме меѓународни конкурси, по примерот на нашата работа во Кисела Вода, вели Ѓорѓиевски.

Вториот столб е здрава животна средина.

-Мојата прва акција како градоначалник ќе биде симболична, но суштинска. Во првите 72 часа, почнуваме со „Генералка на градот Скопје“! Ќе ги мобилизираме сите јавни претпријатија да го исчистиме секое ќоше.
Потоа, следува четиригодишна програма „Град без депонии“ со дронови, дигитален надзор и Еко-бригади.
Централното градско подрачје и главните булевари секојдневно ќе се мијат со вода под притисок. Ќе создадеме четири нови мега-паркови: ќе го претвориме Вардариште од депонија во зелена оаза, ќе ја изградиме градската шума во Расадник, ќе подигнеме нов парк кај реката Лепенец и уште еден долж булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“. И не застануваме тука, ќе создадеме и најмалку 50 мали, маалски паркови. Ќе се посветиме на целосна анализа и ревитализација на градските комунални претпријатија кои конечно мораат да бидат сервис на граѓаните и градот, а не нивен терет, тегоба и проблем, дециден е Ѓорѓиевски.

Третиот столб е целосна комунална и сообраќајна обнова.

Доста беше со заглавување во сообраќај!

-Ќе ги довршиме сите запрени проекти: клучката кај Момин Поток, булеварот АСНОМ со мостот генерал Михаило Апостолски, и булеварот „Борис Трајковски“ до Драчево и булеварот на „Љубљанска“, кој со мост ги поврзува Карпош со Злокуќани. Но, ќе изградиме и нови: булевар „Македонија“ со подземна сообраќајница кај Лимак, булевар „Хрватска“ и трета лента на „Александар Македонски“. Како и булеварот „Цветан Димов“, булевар „Борис Кидрич“, булевар „Февруарски поход“ со нов мост преку Вардар. Ќе го решаваме сообраќајниот метеж низ градот применувајќи искуства од успешни трансформации, како онаа од Љубљана.
Хаосот со паркирањето ќе го решиме со катни гаражи во Буњаковец и Пролет, и монтажни паркинзи во сите критични делови од Скопје. Конечно ќе го вратиме и „зелениот бран“ на семафорите! И нема повеќе Скопје да се дави во кал бидејќи ќе изградиме комплетен систем за атмосферска и фекална канализација, објаснува кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ.

Четвртиот столб е културата.

Скопје ќе биде Европска престолнина на културата во 2028 година.

-Ќе ја обновиме Универзалната сала и киното „Милениум“. Ќе ги заживееме Калето, Аквадуктот и Скупи како отворени културни сцени. Ќе го вратиме традиционалниот Скопски фестивал на забавна музика и ќе донесеме светски музички изведувачи. Скопје мора да биде метропола која ќе има своја културна препознатливост и понуда. Мора да има богат живот, театри, концерти, уметност на повеќе места. Соработката со Владата ќе овозможи повеќе инвестиции и концентрација кон враќање на културниот живот во нашето Скопје, вели Ѓорѓиевски.

Петтиот столб е дигитална трансформација.

Паметен град со паметната картичка „SKOPJE CITY GO“ и „Градски портал“, каде сите услуги ќе бидат достапни на едно место. Брзо, транспарентно и за секој наш граѓанин. Тоа ќе е гаранција дека граѓаните ќе добиваат брзи и квалитетни услуги, а администрацијата нема да може да прави било какви злоупотреби.

Шестиот столб се младите и науката.

-Нашите млади заслужуваат иднина тука. Ќе ги поддржиме младите брачни парови со ослободување од комуналии. Ќе воведеме стилизирани униформи за средношколците, ќе обезбедиме бесплатни хигиенски производи во училишните тоалети и загарантирана психолошка поддршка. Ќе изградиме нови, современи објекти за училиштата „Браќа Миладиновци“ во Драчево и „Кочо Рацин“ во Ѓорче Петров, најавува Ѓорѓиевски.

Седмиот столб е јавната грижа и безбедноста.

Скопје мора да биде град кој се грижи за сите нас.

-Тоа значи брз, ефикасен и достоинствен јавен превоз со нови, еколошки автобуси и градски воз кој ќе ги поврзе Драчево, Центар и Ѓорче Петров. Двојно повеќе велосипедски патеки и модерни пешачки коридори, обединети во една дигитално координирана платформа во градот. Преку целосна модернизација на Противпожарната единица Скопје и отворање на две нови противпожарни станици, овозможуваме силна противпожарна служба, но пред се’ безбедни маала. Нема повеќе изговори кога станува збор за сигурноста на нашите семејства. Скопје ќе биде град кој ќе се грижи за пензионерите, болните и изнемоштените, но најмногу од се ќе се грижи за лицата со попреченост и нивните семејства. Тоа го должиме доколку сакаме да се нарекуваме луѓе, смета Ѓорѓиевски.

Поврзани вести