Skip to main content

Сиљановска-Давкова во црквата на македонската заедница во Стерлинг Хајтс, Мичиген: Татковината не може да се менува

Со посетата на македонската православна црква „Раѓањето на Пресвета Богородица“ во Стерлинг Хајтс, Мичиген и средбата со македонската заедница, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја заокружи работната посета на САД.

Таа присуствуваше на утринската литургија што ја одржа отецот Синиша Ристовски и оствари куса средба со Митрополитот на Американско-канадската епархија на МПЦ – ОА, Владиката Методиј.

Во име на свештенството, отецот Синиша истакна дека им претставува огромна чест присуството на претседателката Сиљановска-Давкова. „Вие носите одговорност којашто инспирира доверба, почит и надеж, со секоја ваша одлука, иницијатива и моќ, да ги преобрази животите, да ги осветли патеките на вистината и да создаде мостови на соработка и разбирање меѓу народите“, порача по литургијата отецот Синиша.

Претседателката го изрази своето задоволство од топлиот прием од претставниците на македонската заедница за време на нејзината посета во Њујорк и Детроит и посочи дека нивните постапки и посветеност се доказ дека каде и да сме, не го губиме македонскиот идентитет.

„И кога сум во САД, само заради вас јас се чувствувам како да сум дома. Тоа е она што ме прави горда на вас. Ние мора да си ја повратиме дијаспората“, порача претседателката.

Таа укажа на важноста од одржување и засилување на врските со македонските иселеници и ги реафирмираше заложбите за формирање на Совет за дијаспора и регистер на дијаспората.

Оддавајќи им признание на нашинците за нивната успешност на професионален план дури и во најкомпетитивните држави како САД, претседателката им посака уште многу успех.

Цитирајќи го Бернард Шо кој рекол дека ,,се може да смените во животот, но татковината не може”, Сиљановска-Давкова порача: „Мораме тоа што сме го наследиле да им го пренесеме на своите деца, ако сакаме да опстоиме“.

Претседателката го посети и Неделното црковно училиште што функционира во рамки на црквата, а каде што околу 120 македонски деца имаат можност да се запознаат со православната религија, со македонската традиција и да го изучуваат македонскиот јазик.

Поврзани вести