
-Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски вечерва во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 проговори и за претстојните локални избори.
Како што истакна, нивниот кандидат Орце Ѓорѓиевски сигурно ќе го добие градот Скопје, додека пак во Чаир ќе победи Изет Меџити од коалицијата ВРЕДИ.

„Мислам дека е извесна работата во Центар, ние го поддржуваме тука кандидатот на ЗНАМ, но кога ќе ги видите партиските анкети ние сме далеку пред СДСМ, и кога ќе видите еден на еден гласовите исто така Лабудовиќ е далеку напред и очекувам лесно да биде избран за градоначалник“, вели Николоски.
Што се однесува до Данела Арсовска, тој рече дека тие се извиниле за актуелната градоначалничка на Град Скопје.
„Мислам дека е најлош градоначалник во историјата на градот за жал“, рече Николоски.
Тој додаде и дека нема повеќе да поддржуваат независни кандидати.
„Ја научивме лекцијата, веќе нема поддршки на независни кандидати, туку кандидати кои целосно одговараат на принципите и програмата на ВМРО-ДПМНЕ“, вели Николоски.
Што се однесува до брзата пруга, тој рече дека километар ќе чини околу 8,8 милиони евра.
Како што додаде, целиот проект ќе чини околу 1,8 милијарди.
„Првичната проценка е дека некаде 8,8 милиони евра по километар, финалното проектирање затоа што ќе одиме со заедничко проектирање и градба, тоа е тоа што сега модерниот свет го прави, да не работи еден проект, друг градба туку тоа го спојуваме во едно“, додаде Николоски.
За Резолуцијата на СДСМ за црвените линии, Николоски истакна:
„СДСМ сакајќи да се исперат од гревовите кои ги направија со потпишувањето и прифаќањето на бугарскиот диктат уште подлабоко влегува во проблеми и во други процеси кои што можат дополнително да и наштетат на Македонија“, вели Николоски.
Според него, тоа е нивна политика и тие најдобро знаат зошто ова го прават, иако јасно се познати кај луѓето кои не само што не ги штити туку и ги гази македонските национални интереси.