
Радарот на Скопскиот аеродром утрово повторно е ставен во функција и проблемот е решен за само три дена. Сите безбедносни протоколи се испочитувани овие денови и сообраќајот се одвива безбедно. Проблемот постои триесетина години, зошто претходната Влада седум години не го решила проблемот и зошто не е инсталиран новиот радар кој е набавен, – истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, при денешната работна посета на Кавадарци.
“ Од утрово имаме целосно функционален радар на Скопскиот аеродром и на тој начин проблемите се решени. Проблемот успеавме да го решиме во рекордно време од само три дена и уште повеќе да детектираме една работа која што можеби не и беше позната на јавноста, а тоа е дека и досега, седум години наназад, овој радар работел само со еден канал. Во овие три дена, со заедничка координација, на повеќе ресори од Владата, како и со активна работа на раководството на М-НАВ, како и во пријателска работа и помошта од контролата за летање од Бугарија, како и Владата на Италија успеавме да најдеме решение и сега двата канали се во функција”, истакна вицепремиерот Николоски.
“ Сите безбедносни протоколи беа испочитувани овие три дена и гледате дека најнормално слетуваа и полетуваа авиони од сите авио компании и така ќе продолжи да биде и во иднина” додаде Николоски.
Заменик претседателот посочи дека моменталниот радар е 27 години стар и за истиот престанале да се произведуваат делови уште пред седум години. Исто така праша зошто претходната Влада на СДСМ не го инсталирала новиот радар кој е набавен, пристигнат во Скопје и стои во депо. Тој ја повика опозицијата да не шири паника помеѓу граѓаните.
“ Навистина е на раб на чудо како успеавме да набавиме резервни делови. И во исто време да прашам, зошто претходната Влада на СДСМ не го инсталираше целосно новиот радар кој што е пристигнат во Скопје од компанијата “Леонардо” и стои немонтиран. Еве да најавам дека на следната седница на Влада во вторник, ние ќе донесеме одлука со која што ќе пристапиме кон монтирање на истиот” рече Николоски.