Skip to main content

МНТ со копродукциската претстава „Бог на колежот“ гостува на Фестивалот „Денови на комедија“ во Куманово

МНТ / Дарија Ризова и Ѓорги Јолевски во „Бог на колежот“

На 26 септември, на сцената во НУЦК „Трајко Прокопиев“ во Куманово, како дел од 28. издание на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“, ќе биде одиграна копродукциската претстава на МНТ „Бог на колежот“.

Претставата е работена според мотивите на славната драма „God of Carnage“ од Јасмина Реза, во адаптација и режија на Весна Петрушевска. На сцената ќе настапат актерите Ѓорѓи Јолевски, Дарја Ризова, Благој Веселинов, Наталија Теодосиева и децата од актерската школа на Петрушевска.

Иако минималистичка, „Бог на колежот“ нуди длабока критика на лицемерието, лажниот морал и распадот на семејните и општествените вредности. Преку судирот меѓу двe брачни двојки – навидум култивирани и учтиви – се разоткриваат човековата ранливост, агресија и емоционална нестабилност. Сцената во станот е метафора на клаустрофобичниот современ живот, во кој фрустрациите и потиснатите чувства експлодираат во апсурден колеж. Публиката, како тивок сведок, неретко се препознава во овие горчливи конфликти – токму затоа што се вистинити.

Престижното признание „Васил Иљоски“ годинава фестивалот ѝ го додели на искусната актерка Весна Петрушевска, како благодарност за нејзиниот исклучителен придонес кон македонскиот театар, особено во областа на комедијата.

Со уникатна сценска енергија, актерска прецизност и вродено чувство за хумор, Петрушевска е една од најпрепознатливите фигури на современата македонска театарска сцена. Нејзиниот талент се согледува во улоги што остануваат запаметени – не само по смеата што ја предизвикуваат туку и по слоевитоста, длабочината и општествената критика што ја носат.

Комедијата, во нејзините изведби, не е само форма на забава туку и алатка за размислување и за емпатија. Со доделувањето на ова признание, фестивалот ѝ оддава заслужена почит за нејзината посветеност и силното влијание врз развојот на театарската уметност во Македонија.

Фестивалот „Денови на комедија“ официјално започна на 24 септември и ќе трае до 10 октомври.

Поврзани вести