Skip to main content

Врачена наградата Златна камера 300 за животно дело на Дариус Конџи

ИФФК „Браќа Манаки“

Вечерва во прекрасниот амбиент на Пионерски дом во Битола, на свеченост во чест на лауреатот на 46. издание на ИФФК „Браќа Манаки“, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков му ја врачи наградата Златна камера 300 за животно дело на годинешниот лауреат Дариус Конџи, кинематографер со исклучителна деценска кариера кој работел со импозантни режисерски имиња.

Останав без зборови. Ви благодарам бескрајно. Среќен сум што сум во Битола да ја примам оваа прекрасна награда и сакам да и ја посветам на мојата сопруга Мариен за целата нејзина поддршка, рече Конџи.

Свеченоста се одржа во знак на француската вечер на Фестивалот, во присуство на директорот на Францускиот институт- Скопје, директорот на Агенција за филм, гостите и учесниците на фестивалот и видни личности од културниот живот, а ги поздрави директорот на Димитрија Доксевски кој рече дека е голема чест што оваа година лауреат на наградата за животно дело Златна камера 300 е Дариус Конџи.

И покрај мајсторството во секој кадар и бескрајниот талент и посветеност на камерата и филмот тој е секогаш скромен и вели „ние“, а не „јас“. Вели „нашата екипа“, не „мојата екипа“. Во создавањето филмски дела секогаш ја преточува визијата на режисерот беспрекорно и нему му го припишува успехот на филмот.

Дариус Конџи: Среќен сум што сум во Битола да ја примам оваа прекрасна награда и сакам да и ја посветам на мојата сопруга Мариен / Фото: ИФФК „Браќа Манаки“

Мал е бројот на кинематографери во светот кои имаат оставено зад себе филмски остварувања за кои може да се каже дека се постулат на модерната филмска уметност, кои со децении ќе се изучуваат на факултетите и ќе се реферираат како поим за квалитет на модерниот филм. Уште помал е бројот на кинематографери за кои може да кажеме дека соработувале со филмски мајстори, режисерите: Жан-Пјер Жене, Дејвид Финчер, Бернардо Бертолучи, Михаел Ханеке, Роман Полански, Дени Бојл, Нил Џордан, Сидни Полак, Вуди Ален, Џејмс Греј, Бонг Џун-хо, Вонг Кар-Ваи, Алехандро Гонсалес Ињариту, Ари Астер и браќата Сафди и во плодната соработка создале неповторливи филмски остварувања. Тоа значи дека само еден е Дариус Конџи, кој може да заклучиме дека е врвен естет кој по сите критериуми ја заслужува Златната Камера 300 за животен опус, кој до ден денес ги поместува границите на кинематографската дејност, создавајќи дела за паметење.

фото: ИФФК „Браќа Манаки“

Роден е на 21 октомври 1955 година во Техеран, Иран. На рана возраст неговото семејство се преселува најпрвин во Франција, а тој подоцна во животот заминува за САД за да студира на УЦЛА а потоа магистрирал на Универзитетот во Њујорк. Двајца професори влијаеле врз неговата одлука да стане кинематографер: Јонас Мекас и Хејг П. Манугијан (професорот по филм на Мартин Скорсезе), снимајќи ги филмовите на другите студенти, надоградувајќи ја вештината за кадрирање. По престојот во САД, Конџи се враќа во Франција во 1981 година и работи како асистент за кинематограферите: Бруно Нујтен, Мартин Шафер и Паскал Марти. Првиот интернационален успех го постигнува со пост-апокалиптичната црна комедија ДЕЛИКАТЕСИ / DELICATESSEN (1991), при соработката со режисерите Марк Каро и Жан-Пјер Жене, остварувајќи ги нивните научно-фантастични визии во ГРАДОТ НА ИЗГУБЕНИТЕ ДЕЦА / CITY OF LOST CHILDREN (1995). Со режисерот Дејвид Финчер најпрвин соработуваат на рекламата за Најки, а потоа и на култниот крими трилер СЕДУМ / SEVEN (1995), таа модерна Гомора во која со хемискиот процес на филмската лента и позиционирањето на светлото на Конџи со кој ја обликува темнината со недоволна експонираност, се добива препознатливиот изглед кој на секој гледач ќе му падне на памет штом се спомне филмот. Овој филм ќе му овозможи да оствари низа успешни соработки во 90-тите. Со Бернардо Бертолучи ќе го реализира КРАДЕЊЕ УБАВИНА / STEALING BEAUTY (1996), првата номинација за оскар ќе ја добие за ЕВИТА / EVITA (1996) режиран од Алан Паркер, ќе работи на четвртиот дел од франшизата ВОНЗЕМЈАНИН ВОСКРЕСЕНИЕ / ALIEN RESSURECTION (1997) од режисерот Жене, завршувајќи ја декадата со психолошкиот трилер во режија на Нил Џордан ВО СОНИШТАТА/ IN DREAMS (1999) и неоноар хорор филмот ДЕВЕТТАТА ПОРТА / THE NINETH GATE во режија на Роман Полански.

Во 2000-тите остварува соработка со режисерот Дени Бојл за филмот ПЛАЖАТА / THE BEACH (2000), ја продолжи соработката со Финчер на СОБА ЗА ПАНИКА / THE PANIC ROOM (2002), ја започна соработката со Вуди Ален на СЀ ДРУГО / ANYTHING ELSE (2003), со кого подоцна во кариерата ќе ги сними уште четири други долги филма меѓу кои се истакнуваат ПОЛНОЌ ВО ПАРИЗ / MIDNIGHT IN PARIS (2011), ИРАЦИОНАЛЕН ЧОВЕК / IRRATIONAL MAN (2015). Разноврсноста и способноста за приспособување на својата вештина за кадрирање за разноврсните сензибилитети на режисерите е една од уникатните занаетски вештини кои ги поседува Конџи, а најдобро може да се воочи таа согледба од контрастните колоритниот и неонски сатурираниот МОИТЕ НОЌИ СО БОРОВИНКИ / MY BLUEBERRY NIGHTS (2007) од Вонг Кар-Ваи наспроти белилото во американската итерација на ЗАБАВНИ ИГРИ / FUNNY GAMES (2007) од Михаел Ханеке. Топлината во кадрите беше резервирана за друг филм на Ханеке за кој соработуваа, односно ЉУБОВ / AMOUR (2012).

Конџи бестрашно соработува со режисери од различен калибар и со дијаметрално спротивни гледишта на филмот, но големината на кинематограферот е способноста да ја пренесе нивната замисла на дело и преточи во незаборавни кадри, кои ќе се втиснат во сеќавањето на секој гледач. Значајни соработки оствари и со режисерот Џејмс Греј, со кого работеа заедно на периодичните драми: ИМИГРАНТОТ / THE IMMIGRANT (2013), ИЗГУБЕНИОТ ГРАД З / THE LOST CITY OD Z (2016) ВРЕМЕ НА АРМАГЕДОН / ARMAGEDDON TIME (2022) во кои носталгијата ја доловува со својата колор палета, со Бонг Џун-хо во научно-фантастичниот ОКJА / OKJA (2017), со браќата Сафди на фуриозниот НЕОБРАБОТЕНИ ДИЈАМАНТИ / UNCUT GEMS (2019) и со Ињариту на очудувачкиот БАРДО / BARDO (2022), смели режисерски потфати кои не би изгледале така како што ги знаеме денес, да не ги кадрираше Конџи, кој на секој нов филм бара начин како да се предизвика себеси, за да излезе надвор од зоната на удобност и соочи со непознатото. Тие филмови се во постојана спрега помеѓу недоволната експозиција и осветлување со висок контраст, за да добие севкупна палета од мека светлина без сенки, до длабоки сенки вперувајќи силно светло, милувајќи да работи со анаморфни леќи и светло од практични извори на самиот сет, константно тестирајќи ги границите на преекспонирањето и неекспонирањето.

Најдобар доказ за незапирливоста на Конџи е фактот што оваа година реализираше три значајни филмски остварувања, соработувајќи најпрвин со Бонг Џун-хо на неговиот научно-фантастичен свет на репликанти МИКИ 17 / MICKY 17, потоа го сними еден од најзначајните модерни вестерн филмови ЕДИНГТОН / EDDINGTON во режија на Ари Астер, а моментално во постпродукција е новиот филм на Џош Сафди ВРВНИОТ МАРТИ / MARTY SUPREME, во кој Тимоти Шаломе го глуми аспиративниот играч по пинг-понг.

Свој белег има оставено и во рамките на малиот екран, односно има донесено впечатливи решенија во кадрирањето на уникатната криминалистичка ТВ-серија ПРЕМНОГУ СТАР ЗА ДА УМРЕШ МЛАД / TOO OLD TO DIE YOUNG во режија на Николас Виндинг Рефн и адаптацијата на романот од Стивен Кинг од страна на режисерот Пабло Лараин ПРИКАЗНАТА НА ЛИЗИ / LISEY’S STORY, со Џулиен Мур во главната улога. Тој соработуваше и со Џонатан Глејзер за време на ковид пандемијата кога го објавија телевизискиот танцов филм СТРАЗБУРГ 1518 / STRASBOURG 1518.

Конџи има снимено голем број на музички видеоспотови со реномирани музички поп артисти: Мадона, Џеј-Зи, Лејди Гага, Тејлор Свифт, Еминем.

Номиниран е за два оскари за најдобра кинематограферска дејност за ЕВИТА и БАРДО, една номинација за наградата БАФТА, по три номинации од Американското здружение на кинематографери (ASC) и Британското здружение на кинематографери (BSC), три номинации за наградите Цезар и две номинации за наградите Индипендент спирит. Два пати филмовите на кои има работено беа во официјалната конкуренција на ИФФК „Браќа Манаки“ во борба за Златната Камера 300, најпрвин со ЗЕМЈА НА МРТВИТЕ / TREASURE OF THE BITCH ISLANDS во 1993 година, а потоа со СЕДУМ во 1996 година.

Поврзани вести