
Позитивната листа на лекови ќе биде ревидирана двапати годишно и ќе имаме нови лекови, најави денеска на прес-конференцијата министерот за здравство Азир Алиу.
При крај е една од процедурите и се надевам дека набрзо ќе има ревидирање на листата на лекови, истакна денеска министерот за здравство Азир Алиу, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој посочи дека веќе има прв чекор, има нов информациски електронски модул „Систем за евиденција и управување со барањата за Листата на лекови” и преку него ќе се знаат датумите кога ќе одржуваат состаноци членовите на Комисијата за ревидирање на позитивната листа и кога ќе има нејзино проширување.
Модулот е изработен од Управата за електронско здравство, во соработка со Секторот за фармација во Министерството за здравство, а ќе биде јавно достапен на интернет страницата на Министерството за здравство (www.lekovi.zdravstvo.gov.mk) и во функција ќе биде веднаш откако ќе стапат во сила измените на прописот со кој се уредува оваа постапка и кој се очекува деновиве да се објави во Службен весник.
Модулот овозможува електронско поднесување на барањата и внесување на неопходната документација за лекот во системот, кои што досега се доставуваа исклучиво во хартиена форма. Со ова се постигнува значителен напредок во дигитализација на одделните процеси на стандардната оперативна процедура на уредената постапка. Станува збор за прва електронска евиденција и управување со барањата за Листата на лекови во националниот систем, со што се овозможува и транспарентност на процесот преку достапен јавен портал и следење на одделните процеси и на напредокот на постапката во реално време, рече Алиу.
Позитивната листа на лекови последен пат беше ревидирана лани во август, откако претходноо 13 години не беше обновена. Лани на листата на позитивни лекови беа додадени 9 нови генерици, а тоа се 87 лекови во различни имиња и форми. Помеѓу нив, опфатени се лекови за висок притисок, срцеви заболувања, анти-агреганси, лекови за третман на депресија, како и за деменција.