Skip to main content

,,Системи на кршливост” на Ана Трајковска и Доротеј Нешовски во Мала станица

Заедничкиот проект на младите уметници Ана Трајковска и Доротеј Нешовски насловен „Социјален алгоритам – фузија на социјалните системи и семантичката кршливост“ уште од самиот наслов упатува на повеќеслојност во сугерираните размисли и толкувања на идеите кои се однесуваат на сложените релации на социјалното и индивидуалното егзистирање во современиот свет.

Изложбата ќе биде отворена в четврток, на 24 септември во Националната галерија, објект Мала станица, а посетителите ќе може да ја видат до 28 септември.


Перцепцијата на авторите е претставена преку повеќе дела во кои најчесто комбинираат нови медиуми, графички техники и интерактивни инсталации, при што естетското доживување е појдовна платформа (во предвид земајќи го широкото и се понагласено значење и употреба на овој збор во секојдневието) за мултидисциплинарно истражување на темата, кое вклучува не само уметност, туку и технологија, психологија, социологија… На овој начин тие систематично, но и длабоко критички, проникнуваат во суштината и значењето на комуникологијата, односно системите врз кои е базирано функционирањето на дигиталното потрошувачко општество, како и одредувањето и формирањето предвидливи насоки во рамки на кои е (ќе биде) дефинирана и индивидуалната слобода на размислување и одлучување.
Истражувањето на семантичките структури на денешната дигитална ера подразбира познавање за создавањето на значења, нивното организирање и толкување низ содржината и интеракциите на дигиталните системи, поаѓајќи, во суштина, од семантичките структури кои се однесуваат на основните системи на значење – како податоците, јазикот, медиумите и однесувањето на корисниците, кои со нивната организираност нудат „смисла“ во дигиталниот контекст на постоењето.

Терминот „социјален алгоритам“, како што укажува (под)насловот на изложбата, се однесува на влијанието на различните концепти на социјалните системи во зависност од контекстот, кои, парадоксално, ја доведуваат до кршливост самата основна смисла на семантиката како „дел од лингвистиката што се занимава со значењето на зборовите и нивната функција во реченицата“, одвојувајќи ја од оригиналното „јазично“ значење како проучувач на означеното, значењето и сложените односи помеѓу зборовите. Постоењето на рутинските алгоритми во склоп на платформите за социјални медиуми, преку употреба и проучување на персонални податоци, нудат карактеристични објави кои го одредуваат моделот на однесувањето на корисниците. Нивната унифицирана „слобода“ на избор од сервираните содржини, според авторите го креира „феноменот на семантичката заситеност – процесот во кој повторувањето на зборови и фрази доведува до губење на нивното значење“, при што репетитивноста на зборови и фрази ги лишува од „нивната емоционална или интелектуална тежина“, диктирајќи „општествено програмирање што ги дефинира нашите идентитети“.

Третирајќи ги социјалните алгоритми и јазикот како културолошки феномени на слична позиција на „системи на контрола“, авторите, сепак, прават дистинкција помеѓу овие феномени со сознанието дека денешниот културен тренд се карактеризира со одвоеност од оригиналните значења и бесконечно повторливи содржини, кои го одредуваат општественото човеково егзистирање. Ана Трајковска и Доротеј Нешовски укажуваат на губењето на способноста на алгоритмите за пренесување на оригиналните значења, со што доведуваат до распад на комуникацијата и конечна покорна затапеност на човештвото. Појдовно начело на овој уметнички ангажиран проект е предизвикување размисли и интеракција со гледачот, со конечна цел да се поттикне критика и да се провоцира дијалог токму за системите на универзална контрола на однесувањето со помош на кои се поништува индивидуалната слобода, идентитетот, културните специфики и оригиналноста, пишува Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос во Нацоналната галерија.

Проектот е подржан од Министерсво за култура и туризам на Р.Македонија

Поврзани вести