Skip to main content

Минчев: Законот за организација и работа на државната управа ќе биде клучна алка во реформата на јавната администрација

Кабинет на Министер за јавна администрација

Во Министерството за јавна администрација денеска се одржа работен состанок меѓу министерот за јавна администрација, Горан Минчев, и претставниците на СИГМА – иницијатива на Европската Унија и ОЕЦД за поддршка на реформите во јавната администрација. Темата на средбата беше работниот процес и динамика за подготовка на Законот за организација и работа на државната управа (ЗОРОДУ).
 
Министерот Минчев истакна дека новиот ЗОРОДУ треба да претставува клучна алка во севкупната реформа на јавната администрација, со цел создавање поефикасна, поодговорна и поуслужна администрација.

Нашата цел е да воспоставиме современа и функционална администрација која ќе биде сервис на граѓаните, а не сама на себе. Законот за организација и работа на државната управа треба да обезбеди јасна структура, рационализација на процесите и поголема транспарентност во носењето одлуки, истакна Минчев.

Тој додаде дека реформите не се само законска обврска на државата во процесот на европска интеграција, туку и политичка одговорност пред граѓаните.

Со ваквите промени ние покажуваме дека Македонија оди по европски пат – гради силни институции, ја намалува бирократијата и ја зголемува довербата на граѓаните во системот, потенцираше министерот.

Претставниците на СИГМА ја поздравија посветеноста на Министерството за јавна администрација и го оценија како суштински чекор напред донесувањето на Законот за административни службеници, Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за обука и стручно усовршување на јавните службеници, како и започнатиот процес за носење на новите три закони: Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ), Законот за висока раководна служба и Законот за систем на плати.
 
Министерството за јавна администрација ќе продолжи активно да соработува со меѓународните партнери, но и со домашните институции и јавноста, за да обезбеди законски решенија кои ќе донесат реални придобивки за граѓаните и ќе го поттикнат развојот на современа јавна управа во согласност со европските стандарди. 

Поврзани вести