Skip to main content

Новата балетска сезона во Националната опера и балет се отвора со премиера на „Градина на почетоците“

Република

Со премиерната изведба на „Градина на почетоците“ од композиторот Стојан Стојков, Националната опера и балет в петок, на 19 септември, ја отвора новата балетска сезона. Во претставата по либрето на Ефтим Клетников, главните ликови им се доверени на Марија Кичевска Шокаровска, Ева Перковска, Франциско Хименес Руиз (Шпанија), Симона Колиштркоска и Ендру Кук (Англија).

Кореографијата е на Џан Арслан од Турција, а со оркестарот на МОБ ќе диригира Иван Еминовиќ.

Како што рече Стојков на прес-конференција, инспирација за композицијата му биле стари, антички музички записи.

Композицијата не е романтична, туку е повеќе современа, со интересна оркестрација. Мојот предмет на интерес и работа беше „полифонијата“. Истражувам и им пренесувам на студентите музика од пред седмиот век. Во тоа истражување наидов на интересни антички примери кои сакав да ги слушнам зашто малку се познати во музиката, иако во историјата и литературата има вакви записи. Оттука почна целата работа, потоа се надоврзуваа сликите и така се направија вкупно девет, истакна Стојков на прес-конференцијата по повод премиерата.

Тој претпочита македонски рурален фолклор, кој е податлив, објасни, за обликување на сценско дело и композиторски приод.

Сакав на моите студенти да им покажам дека треба да знаат да создадат дела и врз база на духовна музика и врз база на електронска музика и врз база на современите текови во творештвото.

На кореографот Арслан му се допаднала идејата што ја имал Стојков.

Музиката е многу силна, разговарав со него, му кажав што видов јас во неа. Ја видов визијата. Идеите ни беа слични и одлучив да се вклучам во проектот. Ова беше убаво патување, работевме многу сите, истакна Арслан.

Според генералниот менаџер на МОБ, Кире Павлов, овој проект најпрво бил прифатен и потоа заборавен од претходното раководство, но благодарение на министерот Зоран Љутков и генералниот директор Оливер Арсовски, се нашол начин да се реализира годинава иако не бил предвиден со Програмата.

Имавме тешкотии кои ги надминавме за краток период. Сите заедно работевме, помогавме посебно околу сценографијата. Се надевам дека ова дело подолго ќе се задржи на репертоарот и дека ќе успееме некои од нашите македонските дела да ги презентираме надвор и да ги продадеме, нагласи Павлов.

Во „Градина на почетоците“ настапуваат и Христина Наќевска Митрашиновиќ, Илијана Данилов, Виолета Карајанова, Симона Колиштркоска, Илијана Данилов, Виолета Карајанова, Саша Евтимова, Наташа Трендафилова Гицев, Ангела Богатиновска, Медина Јусуфовиќ, Матеа Каревски, Мартина Димовска, Мила Бошков, Јована Лазова, Балаж Лочеи (Унгарија), Мирослав Митрашиновиќ, како и Веселин Трајковски.

Поврзани вести