
Собранието на Република Македонија на последната седница го усвои Законот за енергетска ефикасност, подготвен од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Со оваа одлука, земјата добива уште една силна законска рамка, усогласена со европските стандарди, која директно ќе придонесе за пониски сметки за граѓаните, почиста животна средина и отворање на нови зелени работни места.
Законот обезбедува суштински исчекор во намалување на потрошувачката на енергија, интеграција на обновливи извори и намалување на емисиите на стакленички гасови. Со неговото спроведување ќе се создаде стабилен систем кој ќе ја приближи земјата до европските климатски цели и до концептот на зелена транзиција.
Клучни новини од Законот:
• Воведување на европскиот принцип „Енергетска ефикасност на прво место“.
• Долгорочна стратегија за реконструкција на станбени, јавни и комерцијални згради во енергетски ефикасни објекти.
• Тројно зголемена заштеда во јавниот сектор – задолжителна реконструкција на најмалку 3% од јавните згради годишно.
• Задолжителни соларни колектори при изградба или реконструкција на училишта, градинки и јавни институции.
• Финансиска поддршка за инвестиции во соларни панели, геотермални системи и паметни технологии.
• Високи стандарди во јавните набавки, дигитална транспарентност и професионализација на енергетските контроли.
• Вклучување на сертификатите за енергетски карактеристики во Катастарот на недвижности и поттик за меѓуопштинска соработка.
Со усвојувањето на овој закон се воспоставува правна, економска и социјална рамка што ги намалува трошоците за граѓаните и бизнисите, ја забрзува интеграцијата на обновливите извори и овозможува креирање на одржлив енергетски систем.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на целосната реализација на реформите во енергетскиот сектор и на усогласување со европското законодавство. Законот за енергетска ефикасност е дел од пакетот реформски закони кои го поставуваат темелот за стабилен, одржлив и конкурентен енергетски сектор – со енергетска сигурност, подобар квалитет на живот за граѓаните и забрзано приближување кон Европската Унија.