Skip to main content

Францускиот премиер го повлече планот за укинување на државни празници

Facebook/Emmanuel Macron

Новиот француски премиер Себастиен Лекорну го повлече контроверзниот план на неговиот претходник за укинување на два државни празници, објавија локалните медиуми.

Сакам да ги заштитам оние што работат. Затоа решив да го поништам планираното укинување на два празника, изјави Лекорну во интервју објавено викендов, пренесува ДПА.

Тој додаде дека се потребни алтернативни мерки за санирање на државните финансии.

Од следната недела ќе започнат консултации за децентрализација на француската администрација, рационализација на владините агенции и пренос на повеќе надлежности на локалните совети. Лекорну предложи и укинување или спојување на одредени владини тела, како и укинување на доживотните привилегии за поранешни членови на кабинетот.

Реформите не се секогаш само за другите, тоа создава недоверба, нагласи тој.

Франција, втората по големина економија во Еврозоната, има долг од 114 отсто од БДП, што е трет највисок сооднос во ЕУ, по Грција и Италија. Буџетскиот дефицит достигна 5,8%, далеку над лимитот на ЕУ од 3 отсто. Со долг од околу 3,3 трилиони евра, Франција е на прво место во ЕУ по висина на долгот.

Во петокот, агенцијата „Фич Рејтингс“ го намали кредитниот рејтинг на Франција, што веројатно ќе ги зголеми трошоците за задолжување. Агенцијата ја посочи високата и растечка јавна задолженост и ограничените изгледи за економски реформи поради политичката поларизација и нестабилност.

Од средината на 2024 година, Франција имаше три различни влади.- Плаќаме за нестабилноста“, изјави Лекорну, предупредувајќи дека повисоките каматни стапки за сервисирање на долгот ќе влијаат врз граѓаните и бизнисите. – Во оваа ситуација, мора да се најде стабилен финансиски курс, што е и прашање на суверенитет, додаде тој.

Поврзани вести