Skip to main content

МНТ на Фестивалот „Ристо Шишков“ учествува со „Народен пратеник“ и „Бели ноќи“

На 33. Меѓународен фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица ќе бидат одиграни две претстави од репертоарот на Македонскиот народен театар.

На 9 септември, во Центарот за култура „Антон Панов“, публиката ќе може да ги погледне претставите „Народен пратеник“ од 20 часот и „Бели ноќи“ од 22 часот.

Фестивалот годинава свечено е отворен на 8 септември – Денот на независноста, и ќе обедини претстави од Македонија, Србија, Бугарија и Италија.

Првата претстава на МНТ, „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, е во режија на Егон Савин. Режисерот не се потпира на драстична модернизација на текстот, туку суптилно ја истакнува безвременската траги(коми)чна вистина за политичката гнилост, како што ја претставил Нушиќ. Претставата е добитник на Специјалната Стериина награда за колективна актерска игра, а колективната енергија доаѓа до израз преку изведбите на Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска, Александар Михајловски (со снимен глас), како и ансамблот: Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.

Втората претстава, „Бели ноќи“, е камерна сценска адаптација според истоимениот роман на Фјодор Михајлович Достоевски, во адаптација и режија на Звездана Ангеловска. Копродукциски проект во кој настапуваат Ана Јовановска и Дамјан Цветановски. Приказната за Сонувачот и Настењка отвора прашања за соништата, љубовта и слободата – и за тоа дали луѓето имаат храброст да ги следат сопствените копнежи или се откажуваат во име на општествените норми.

Поврзани вести