
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за МИА потврдува дека во иднина ќе има нови случаи поврзани со криминал и корупција на високи функционери, но исто така посочува и дека Јавното обвинителство и судовите не постапуваат еднакво за секој против кој е поднесена кривична пријава, како и дека за некои од случаите нема исчекор од страна на обвинителството.
Апсолутно да. МВР покажа за овие години во рамки на новата Влада дека можело поинаку, дека можело да се поднесе кривична пријава и против висок функционер од која било политичка партија, без разлика дали доаѓа од една, друга или трета, не би сакал да специфицирам, дека можело да се отворат постапки, дека можело да се говори јавно и при тоа со докази и со факти да се потврдат криминали, вели во интервјуто Тошковски.
Како пример го издвојува предметот „Адитив“, кој беше процесуиран и со обвинение од страна на Јавното обвинителство, но, министерот за внатрешни работи потенцира дека Јавното обвинителство и судовите не постапуваат еднакво за секој против кој е поднесена кривична пријава.
За жал, и покрај тоа што поднесовме огромен број на кривични пријави, како против поранешни министри, директори на институции, кривична пријава беше поднесена и против поранешен премиер, Јавното обвинителство и судовите гледаме дека не постапуваат баш еднакво спрема секој еден против којшто е поднесена кривична пријава. Останува времето да покаже дали во овој нареден временски период и Јавното обвинителство и судовите ќе се охрабрат да постапуваат во рамки на законски дадените овластувања, се со цел да можеме да видиме процесна правда, којашто е нужна да ја испорачаме како институција, но и суштинска правда којашто би требало да ги детектира сите оние кои незаконско работеле во изминатиот период и да овозможи поврат на оние средства што незаконски биле трошени од страна на одредени, без разлика дали се тоа министри, директори или кој било друг тип на функционери во изминатиот период, рече Тошковски.
Според него, за дел од предметите, како оној со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 62 млади лица, Обвинителството покажало храброст и одлучност навремено да одговори и веднаш да ги спроведе потребните процесни дејствија. Сепак, посочува дека за дел од предметите за којшто МВР поднеле кривични пријави со голем број докази, нема исчекор.
Јавно би ја искористил оваа прилика да го запрашам Јавното обвинителство до каде е предметот со злоупотреба на полициски овластувања во рамки на работењето на МВР, што беа поврзани со незаконско издавање на оружје. Поднесовме доста добра кривична пријава според информациите што ги имам, издржана со огромен број да докази против поголем број на полициски службеници коишто незаконски постапувале во изминатиот период. Но, за жал, до ден денес не можам да констатирам помрднување во однос на тој конкретен предмет. Ниту сме известени дека е отфрлена кривичната пријава, ниту, пак, сме известени дека истата била сериозно разгледана од страна на Јавното обвинителство и процесуирана со соодветен акт во рамки на нивна надлежност, вели Тошковски.
Во интервјуто министерот за внатрешни работи зборувајќи за трагедијата во Кочани нагласува дека во делот на она што е надлежност на МВР било максимално координирано постапено по сите наредби на Јавното обвинителство.
Сега останува на судот врз основа на сите собрани и доставени докази до него, да ги преземе сите оние процесни дејствија коишто е потребно да бидат преземени во страна на судот, рече Тошковски.
Во контекст на системските пропусти што беа констатирани во овој случај, министерот за внатрешни работи вели дека нам како на општество и на институциите ќе им треба многу време за се направи драстичен исчекор од она што било.
За шест месеци, за една година, ние нема да можеме да ги решиме со златно стапче проблемите коишто ги има во оваа држава. Многу години наназад се таложеле, потенцира тој наведувајќи дека веднаш по несреќата се направени одредени законски измени и промени за да се спречат вакви несреќи во иднина, вели Тошковски.