Премиерот Христијан Мицкоски, кој од вчера престојува во посета на Брисел, денеска учествуваше и на Самитот на Европската народна партија (ЕПП) на кој главни теми беа подготовките за денешниот Европскиот совет и проширувањето на ЕУ.
Разговараме за продлабочена соработка, за регионални иницијативи и за европските перспективи. Ова е прилика за лобирање за македонските интереси и иднината на државата како дел од европското семејство, соопшти Мицкоски.
Домаќин на Самитот е претседателот на ЕПП, Манфред Вебер, а на него покрај Мицкоски ќе учествуваат и другите лидери од партиите членки на Европската народна партија од ЕУ и од Западниот Балкан, како и претседателките на Европската комисија и на Европскиот парламент, Урсула фон дер Лајен и Роберта Мецола.
За време на престојот во Брисел, премиерот Мицкоски е придружуван од министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и за европски прашања Орхан Муртезани.
Вчера, на првиот ден од престојот во Брисел, Мицкоски учествуваше на Самитот ЕУ-Западен Балкан, а имаше и билатерални средби со високата претставничка на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас и со премиерите на Шпанија и Полска, Педро Санчез и Доналд Туск.