
Филмот „Диџеј Ахмет“ на Георги М. Унковски ја доби наградата „Перспективи на младите“ (Youth Perspectives), на 31. Сараевски филмски фестивал што заврши синоќа. Дебитантскиот долгометражен филм на Унковски ја доби и наградата на порталот Cineuropa, веб-страница посветена на европската кинематографија и филмските професионалци и Уникредит наградата на публиката за најдобар игран филм.
Специјалната награда „Перспективи на младите“ се доделува на филм за младите кои ја преиспитуваат својата заедница и традиција – ведра и хумористична, но во исто време трогателна приказна, збогатена со шармантни и живописни изведби на младите актери и шарена кинематографија, за која веруваме дека има потенцијал да допре до публиката, особено младата, ширум светот. За тоа што им дава глас на младите од мала заедница, наградата им се доделува на продуцентите и режисерот на филмот „Диџеј Ахмет“, вели жирито.

Победник на Саревскиот фестивал е српскиот „Ветре, зборувај со мене“ на Стефан Ѓорѓевиќ кој ја освои наградата Срце на Сараево за најдобар филм и 16.000 евра.
Македонскиот филм ја доби и наградата која ја доделува филмскиот портал Cineuropa, посветен на европскоиот филм, за филм кој, покрај тоа што поседува неоспорни уметнички квалитети, ги промовира и идеите за европски дијалог и интеграција. Вредноста на наградата е 5.000 евра.
Филмот на Унковски ќе го затвори и 46. издание на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, кој ќе се одржи од 20 до 26 септември, што ќе биде и македонската премиера на филмот.
Светската премиера на „Диџеј Ахмет“ беше на 24 јануари, на фестивалот Санденс во Парк Сити, Јута, каде доби две награди: Наградата од публиката во програмата Светски филм и Специјалната награда на жирито за креативна визија.
Филмот се снимаше лани во октомври и ноември во селата Коџалија и Али Коч во Радовиш и во Скопје. Сценографи се Дејан Ѓошевски и Александра Чевреска, костимограф Роза Трајчевска, шминка и маска Душица Вуксановиќ-Дуда, снимател на тон Павел Јан, монтажер Михал Раих. Во главните улоги се Ариф Јакуп, Дора Акан, Наим Агушев и Аксел Мехмед. Во останатите улоги се Селпин Керим, Елхаме Билал, Адем Карага, Метин Ибрахим и други. Кастинг директор е Киријана А. Николоска.
Филмот е копродукција помеѓу „Синема футура“ и „Сектор филм“ од Македонија, „Алтер вижн“ и „Аналог вижн“ од Чешка, „Бекрум продукција“ и „Баш Челик“ од Србија. Продуценти на филмот се Иван Унковски и Ивана Шекуткоска.
Филмот беше поддржан со 23.5 милиони денари на конкурсот на Агенцијата за филм за 2020 година, а доби поддршка од 160 илјади евра на паневропскиот филмски фонд Еуримаж.