
По период на молчење, Амела Мемиш Апостоловска јавно откри дека ѝ е дијагностицирано автоимуното заболување Хашимото, а дополнителните испитувања покажале и анемија. Во емотивен статус на социјалните мрежи, таа зборува за личната борба, за предизвиците со кои се соочува како мајка на дете со аутизам и за потребата од повеќе разбирање, наместо осудување.
Мемиш Апостоловска објаснува дека ѝ било потребно време да се соочи со здравствената состојба и да си дозволи да се стави себеси на прво место. Како што наведува, со години била поддршка за другите, но во таа борба често се заборавала себеси.
Таа испраќа порака дека зад физичкиот изглед и заморот може да се кријат здравствени проблеми кои не се видливи со голо око. Посочува дека вишокот килограми не мора да значи прејадување, ниту заморот мрзеливост, а тешкотијата да се постигнат сите обврски не значи недисциплинираност.
„Хашимото не е срамота. Анемијата не е слабост. Да признаеш дека ти е тешко не значи дека си се предал. А да побараш помош не значи дека си помалку силен“, порачува таа.
Во продолжение, статусот на Амела Мемиш Апостоловска го пренесуваме во целост:
ДЕНЕС ПРЕСТАНАВ ДА МОЛЧАМ ЗА СЕБЕ, ПО ИЗВЕСЕН ПЕРИОД МОЛЧЕЊЕ, СОБРАВ ХРАБРОСТ ДА НАПИШАМ И ИМАМ ПРАВО ДА ГО ПРЕНЕСАМ ТОА.
Пред извесен период добив дијагноза ХАШИМОТО. Дополнителните испитувања открија и анемија. Дотогаш молчев. Не затоа што се срамев, туку затоа што ми требаше време да застанам, да се соочам со она што ми се случува и конечно да си дозволам да мислам и на себе.
Хашимото е автоимуно заболување. Тоа може да предизвика замор, поспаност, чувство на студ, промени во тежината, сува кожа, опаѓање на косата, нарушено расположение и други симптоми. Кај секого се манифестира различно, а понекогаш симптомите не се гледаат однадвор. Хашимото најчесто не се „лекува“ така што целосно исчезнува, но може успешно да се контролира.
Со години бев силна кога требаше да се борам. Бев мајка, поддршка, рамо, човекот што мора да продолжи дури и кога му е тешко. Како мајка на дете со аутизам, научив да не се откажувам, да барам решенија и да одам напред и кога патот изгледа невозможен.
Но некаде во таа борба за сите други, себе се оставив на крајот од редот.
И сакам да нагласам и јас сум човек, имам професија, обврски, соништа и свој живот. Дијагнозата не ме дефинира и не ја брише мојата вредност. Само ми покажа дека и јас морам да се грижам за себе, а потоа и да бидам тука за сите други.
А денес сакам да кажам нешто што можеби ќе допре до некој што со години го крие сопствениот товар зад насмевка:
НЕ СЕКОЈ ВИШОК КИЛОГРАМИ Е ПРЕЈАДУВАЊЕ. НЕ СЕКОЈ ЗАМОР Е МРЗЕЛИВОСТ, НЕ СЕКОЈ ЧОВЕК ШТО НЕ МОЖЕ ДА ПОСТИГНЕ СÈ Е НЕДИСЦИПЛИНИРАН И НЕ СЕКОЈА БОЛЕСТ МОЖЕ ДА СЕ ВИДИ СО ГОЛО ОКО.
Лесно е да коментираш туѓо тело кога не ги знаеш неговите здравствени наоди. Лесно е да кажеш „само ослаби“, „стани и направи нешто“, „сите сме уморни“. Многу потешко е да застанеш и да се запрашаш: А што ако оваа личност поминува низ нешто за кое јас не знам ништо?
Мојата тишина извесен период. Денес собрав храброст, си дадов време и решив дека не сакам повеќе да молчам. Не затоа што барам сожалување. Не затоа што сакам некој да ме жали. Туку затоа што молчењето не ги учи луѓето да разбираат,но искреноста понекогаш ги тера да погледнат подлабоко.
Хашимото не е срамота. Анемијата не е слабост. Да признаеш дека ти е тешко не значи дека си се предал. А да побараш помош не значи дека си помалку силен.
Ова не е објава за да ме сожалувате. Ова е мојот начин да кажам дека зад секое тело постои човек, зад секој замор може да има причина, а зад секоја тишина приказна што никој не ја слушнал.
Затоа, пред да осудиш нечие тело, размисли. Пред да наречеш некого мрзелив, застани. Пред да помислиш дека некој претерува, сети се дека не ја знаеш целата негова приказна.
Денес зборувам за себе. Но можеби, преку моите зборови, ќе се препознае некоја жена што сè уште молчи. Некој што се срами. Некој што е уморен од објаснување. Некој што чека дозвола да признае дека и нему му е тешко.
НЕ МОРАШ ДА ДОЈДЕШ ДО КРАЈНИТЕ ГРАНИЦИ ЗА ДА ЗАСЛУЖИШ РАЗБИРАЊЕ, НЕ МОРАШ ДА ДОКАЖУВАШ КОЛКУ ТИ Е ТЕШКО ЗА ДА ТИ ВЕРУВААТ И НЕ МОРАШ ДА МОЛЧИШ ЗА ДА ИЗГЛЕДАШ СИЛНО.
Денес си го дадов правото да проговорам. И ако оваа објава натера барем еден човек да размисли пред да осуди друг тогаш мојата тишина не била залудна.
ДА ЗБОРУВАМЕ ДА СЕ ПОДДРЖУВАМЕ ДА СЕ ГРИЖИМЕ ЗА СЕБЕ И ДА ПРЕСТАНЕМЕ ДА СЕ ОСУДУВАМЕ ЕДНИ СО ДРУГИ.
Зашто никогаш не знаеш колку сила му е потребна на човекот само за да стане наутро и повторно да продолжи.

Македонски

