Skip to main content

Одобрено обвинение како продолжение на истрагата за предметот „Адитив“

МИА

Кривичниот суд го одобри обвинителниот акт против Б.Н. во предметот „Адитив“, отфрлајќи ги приговорите на одбраната. Истовремено, поднесен е обвинителен предлог против уште три лица за кривично дело „оддавање службена тајна“, а се разгледува и можноста за спојување на обвиненијата.

Ја информираме јавноста дека Советот за оцена на обвинителен акт со КОК ООА 47/25 против Б.Н. за кривичните дела од чл. 394, чл. 275-в и чл. 273 од КЗ поднесен како продолжение на истрагата во предметот познат како „Адитив“, донесе решение со кое приговорите на обвинетиот поднесени преку неговите бранители се одбиваат а обвинителниот акт се одобрува во целост, стои во соопштението од Кривичен.

Оттаму дополнуваат дека заедно со конкретниот обвинителен акт, до судот од страна на ОЈО ГОКК бил поднесен и обвинителен предлог против Б.П.М., Т.Д. и М.С. за кривичното дело од чл. 360 од КЗ – Оддавање службена тајна, кој предлог не подлежи на оцена.

Дополнително, поднесено е и барање за спојување на обвиненијата со предметот „Адитив“, за кое, како што соопштуваат од Кривичен, ќе се одлучува во наредниот период.

Предметот „Адитив“ е поврзан со злоупотреби во државната компанија ЕСМ и фиктивни тендери вредни милиони евра.

Истрагата опфаќа над 30 лица, меѓу кои и поранешни директори и функционери, а обвиненијата вклучуваат злосторничко здружување, злоупотреба на службена положба, перење пари и оддавање службена тајна.

Судењето продолжува утре во КПУ Идризово.

Поврзани вести