
Со воена свеченост денеска во касарната „Илинден“ во Скопје, припадниците на Баталјонот на Воена полиција (бВП) го одбележаа „29 октомври – Ден на Баталјонот на Воена полиција“.
Заменик-министерот за одбрана, Адмир Шабани, пред присутните истакна дека Денот на единицата е потсетник на одговорноста и значењето на мисијата на Воената полиција, нагласувајќи дека нејзиниот авторитет се темели пред сè на знаењето, карактерот, интегритетот и професионалноста на нејзините припадници.
Командантот на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, им оддаде признание на припадниците на бВП за професионализмот и постигнатите резултати во изминатите 34 години, особено преку учеството на вежбите „Блесок 26“, „Beyond Horizon“ и „Platinium Wolf“.
Тој ги охрабри и понатаму да продолжат со континуирано усовршување и унапредување на обученоста и борбената готовност, во функција на успешно извршување на задачите и заштита на територијалниот интегритет и суверенитет на државата.
Во своето обраќање, командантот на бВП, потполковник Тони Павлоски, истакна дека Денот на единицата е симбол на нејзината традиција, постигнатите резултати и посветеноста кон воената служба, нагласувајќи ја важноста од зачувување на вредностите и достоинствено извршување на доверените задачи.

Македонски

