
Маж од косовскиот град Пеќ е во притвор откако пред три дена беше уапсен под сомнение дека силувал 14-годишно девојче од Македонија.
Според информациите од косовската полиција, 36-годишниот маж бил приведен на 14 август, откако малолетничката, државјанка на Македонија, дала исцрпна изјава за нападот. „Пријавено е дека осомничениот косовски маж е уапсен, бидејќи постои сомневање дека ја силувал жртвата, државјанка на Македонија (малолетничка). Осомничениот, по сослушувањето од страна на обвинителот, е приведен“, стои во извештајот на полицијата.
Косовското обвинителство сè уште работи на случајот, а по завршувањето на истрагата се очекува осомничениот да биде обвинет за силување. Доколку вината му биде докажана, според косовските закони, му се заканува казна затвор до десет години.