Skip to main content

Случувањата со Украина ја загрижуваат Атина

pixabay

Кипарскиот проблем, индиректното признавање и наградување на ревизионистички ставови и обидот за деградирање на улогата на ЕУ, се трите прашања за кои Грција смета дека е важна насоката што ќе ја добијат случувањата во однос на иднината на Украина, пишува грчкиот весник „Катимерини“ во анализата под наслов „Случувањата со Украина ја загрижуваат Атина“.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, весникот коментира дека во Грција постои „страв од зајакнување на ревизионизмот“ и потсетува дека грчкиот премиер и на двете видеоконференции за Украина во изминатата седмица истакна дека „во однос на прашањата за суверенитетот и територијалниот интегритет, само Украина може да носи одлуки“.

-„Да се запрашаме за момент, што би значело решение за Украина без да се земат предвид ставовите на самата Украина, во контекст на каква било доктрина на ревизионизам на светско ниво“. Оваа изјава на претставник од кабинетот на премиерот вчера, само неколку часа пред клучната средба во Белата куќа помеѓу Доналд Трамп и Володимир Зеленски, укажува на посебниот интерес со кој Атина ги следи случувањата од изминатите денови на другата страна од Атлантикот, пишува „Катимерини“.

Весникот анализира дека за Грција начинот на кој ќе се развиваат работите во однос на иднината на Украина е важен поради три прашања.

Првото е кипарското, за кое пишува дека реакцијата на Атина уште од првиот момент на руската инвазија беше поврзана со Кипар, а евентуална одлука за крај на војната во Украина „вон меѓународните вредности и практики би можела да претставува негативен преседан со непредвидливи последици врз преговорите за кипарското прашање, особено во еден критичен момент кога се настојува повторно започнување на разговорите“.

Второто прашање што е особено важно за Атина, според „Катимерини“, се однесува на „индиректното признавање и наградување на ревизионистички ставови, доколку се избере решение што очигледно ќе ги потцени или игнорира ставовите и позициите на Украина“.

– Како што истакнува истиот претставник од премиерскиот кабинет, нашата земја од прва рака знае колку опасни можат да бидат секакви форми на ревизионизам, бидејќи повеќепати била соочена со ревизионистички ставови и барања, пред сè од Анкара, која оспорува договори и спогодби и аргументира токму со повикување на неопходни приспособувања на новите услови и ситуации. Токму овие ставови и позиции би изгледале како да се охрабруваат, доколку се создаде впечаток дека ревизионизмот се наградува во војната во Украина, пишува „Катимерини“.

Третото прашање што ја загрижува Атина е „континуираниот обид да се потцени улогата на Европската Унија“ и како што анализира весникот „наместо институционално претставување на Брисел во дискусиите за завршување на војна што е во дворот на Европа, се бираат поединци од националните раководства на земјите-членки, врз основа на лични односи, кои некако ќе се најдат на преговарачката маса“.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис денеска ќе учествува на две видеоконференции посветени на Украина.

Првата со лидерите на Европската народна партија, а втората на европските лидери свикана од претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта кој ќе ги информира за вчерашните состаноци во Вашингтон.

Поврзани вести