
Обилните врнежи и силните бури предизвикаа поплави, прекини во снабдувањето со електрична енергија и сериозни проблеми во сообраќајот во повеќе делови на Грција. Меѓу најтешко погодените области се Атика, Скијатос и Евија, каде што водата поплави улици, навлезе во објекти и однесе автомобили.
На островот Скијатос, поројните дождови ги поплавија главната пешачка улица и околните улици, а водата навлезе во продавници и станбени згради. Два автомобили биле однесени од поројот, додека дел од жителите останале без електрична енергија.
Поради опасните временски услови, Службата за цивилна заштита испрати итно предупредување преку системот 112, повикувајќи ги жителите и посетителите да ги ограничат движењата на најнеопходните и да ги следат упатствата на надлежните служби.
Сериозна е состојбата и на островот Евија, каде што реката Киријас се излеа од коритото, предизвикувајќи затворање на патишта и загрозување на сообраќајната врска меѓу северниот дел на островот и Халкида.
Градоначалникот на општината Мантуди-Лимни-Агија Ана, Јоргос Капурниотис, изјавил дека поради излевањето на реката сообраќајот кон Халкида привремено се одвива по алтернативен пат преку Метохија и Дафнуса. Затворени биле и делници на патот меѓу Мантуди и Прокопи, кај локацијата Кант, како и во областа Портара.
Проблеми биле забележани и во Неа Артаки, каде што прекини во снабдувањето со електрична енергија имало уште од раните утрински часови.
Невремето предизвика поплави и во Атика, вклучувајќи го центарот на Атина, Пиреја, Перама, Мегара и делови од западна и источна Атика. Сообраќајната полиција воведе пренасочувања на повеќе делници поради насобирање вода на коловозите.
Нестабилното време продолжи и во среда, 14 октомври. Грчката национална метеоролошка служба го задржа црвеното предупредување за Евија, каде што обилни врнежи и силни бури се очекуваат до доцните попладневни часови.
Портокалово предупредување е издадено за источно-централна Грција, Атика, Спорадите и регионот Магнезија. Интензивни временски непогоди се очекуваат и на Халкидики, североисточен Пелопонез, Кикладите, Додеканезите и Крит.

Македонски


