Skip to main content

Меѓу изложените експонати на архитектонската изложба во Њујорк се и делата на Прохирија Хаџи-Костова Пешиќ- архитект на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“

Деновиве во Македонскиот културен центар во Њујорк се отвори архитектонската изложба „Жените во македонската архитектура: Обновата на Скопје“.

Меѓу изложените експонати се наоѓаат и делата на една посебна жена за нашиот колектив, Прохирија (Пока) Хаџи-Костова Пешиќ архитект на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“

Костова Пешиќ е родена во 1935 г. во Скопје. Архитектонското образование го завршила на Архитектонскиот отсек на Техничкиот факултет во Скопје, каде дипломирала во 1961 г. кај проф. Борис Чипан. По дипломирањето краток период работела во ГП „Пелагонија“ во Скопје, а потоа се вработила во Институтот за студии и проектирање при ГП „Бетон“, каде работела како самостоен проектант од 1962 сѐ до 1982 г. Од 1982 г. сѐ до пензионирањето 1992 г. архитект Пока била раководител на проектантското биро на ГП „Техника“.

За своето архитектонско творештво Прохирија Хаџи-Костова Пешиќ во 1981 г. добила специјално признание на ГП „Бетон“, а истата година добила и специјално признание на Биеналето на македонска архитектура (БИМАС) за Станбено-деловна зграда (П+7+Пк) на бул. „Партизански одреди“ во Скопје

Во 1970 година според проект на архитект Пока изграден е еден од најдобрите објекти во Скопје, библиотеката „Браќа Миладиновци“. Објектот е лоциран помеѓу Архитектонскиот факултет и пазарот „Буњаковец“. Главниот влез во објектот е од булеварот „Партизански одреди“, а останатите влезови (за персоналот, за детската библиотека и економскиот влез) се издвоени секој посебно. Библиотеката содржи четири групи простории: за читатели, магацини за чување на книжниот фонд, управни и помошни простории. Фасадата е во натур бетон, обоен со специјална „јагер“ бела боја за бетон. Конструкцијата на објектот е армирано- бетонска и тоа: конструктивниот систем на холот и читалните е рамовски, а на останатиот дел армирано- бетонскиот скелет пресметан на сеизмичниост од 9 степени според важечката европска микро скала

(Од книгата „Тоа сум јас – Пока“, Скопје; 2019)

Поврзани вести