
По слободниот пад на економијата кој што СДС за седум години го остави, сега стопанството и целокупната економска раздвиженост оди во нагорна линија. Тоа што СДС за седум години не можеше да го направи, владата на ВМРО-ДПМНЕ го реализираше за година дена на власт, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ што ја пренесуваме интегрално.
Доказ дека состојбите се подобруваат, меѓу другото, се и историски највисоките приходи во Буџетот за месец јуни. Приходите од даноците и придонесите бележат раст од 7,4%, додека пак приходите од увозните давачки се зголемени за 19,2%.
И овие пари кои се влеваат во македонскиот Буџет, се наменуваат и користат за вложувања во разни проекти и капитални инвестиции.
Затоа, кога СДС друг пак ќе зборува, нека ги земе во предвид сите параметри и економски индикатори.
Од друга страна, механизацијата и работниците се на терен каде што забрзано се работи на реализација на сите инфраструктурни капитални проекти, како што се коридорот 8 и 10Д и тоа може лесно да се види патувајќи до Охрид и Битола.
Македонија никогаш не се градела како што се гради денес, насекаде низ државата има над 1200 градилишта, се работи од изградба и реконструкција на училишта, градинки, болници, патишта, водоводи и канализации.
Ова е во делот што сега активно се гради, а сега и за тоа што до сега е реализирано и пуштено во употреба.
Во изминатиот период интензивно се градеше и се пушти во употреба експресниот пат Градско-Фариш со должина од 25 километри, кој значително го намалува времето на патување до Прилеп и Битола.
Оваа година беше завршен и пуштен во употреба и експресниот пат Страцин-Крива Паланка во должина од 15,5 километри.
Интензивно се работи и на изградбата и завршување на автопатот Кичево-Охрид од кој во употреба беа пуштени првите 20 километри, делницата Пресека-Песочани.
Пуштен е во употреба реконструираниот пат Понов мост – Богданци во должина од 4,8 километри, дел од регионалниот пат кој ги поврзува Гевгелија и Богданци, инвестиција од пет милиони евра.
Се пушти во употреба и реконструираниот пат Охрид до Св. Наум со вкупна должина од над 24 километри и во вредност од 11,7 милиони евра.
Покрај во патната инфраструктура посветено се работи и на железничката. На почеток на годината пуштена беше во употреба железничката делница од Куманово до Бељаковце.
Македонија напредува и забрзано се гради и развива, економијата зајакнува и приходите во Буџетот се зголемуваат.