Skip to main content

Стерјовски од Торонто: Македонецот не се брише, не се прекрстува, не се покорува, и денес, и утре, и секој ден потоа, ние ќе постоиме

МАЕИ

Денес стоиме тука не само како сведоци на нашето време, туку и како чувари на една истрајна и непокорна историја – историја на еден народ кој низ вековите многу пати бил оспоруван, негиран, нападнат, но никогаш, никогаш, не бил победен, рече Васил Стерјовски, лидер на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), на 67-от традиционален Илинденски пикник во организација на „Обединети Македонци“ во Торонто.

Македонците постојат. Постојат со својот јазик, култура, историја и идентитет. Постојат во својата татковина Македонија, постојат во Егејот, во Пирин, во Мала Преспа, во Голо Брдо и Гора, во целиот Балкан, и во сите четири страни на светот, таму каде што кој било Македонец го носи своето име со гордост. Ние сме народ кој со векови го чува својот идентитет како оган под пепел, и кога мислеле дека сме исчезнале, ние само тивко сме се подготвувале повторно да воскреснеме – посочи тој.

Нè негирале и тоа не еднаш, рече Стерјовски и додаде „нè негирале соседите, ни ја бришеле историјата, ни го присвојувале јазикот, ни го менувале името, ни го укинувале правото да бидеме тоа што сме“.

Но тие не сфатија едно: Македонецот не се брише. Македонецот не се прекрстува. Македонецот не се покорува! И денес, и утре, и секој ден потоа, ние ќе постоиме. Ќе ја пееме нашата песна. Ќе ги учиме нашите деца на македонски. Ќе ја носиме нашата носија. Ќе ги чествуваме нашите херои. Ние не бараме повеќе од она што ни припаѓа, но нема да прифатиме помалку од правото да бидеме тоа што сме. Не молиме за признание, го бараме она што е наше по право – порача Стерјовски.

Ве охрабрувам, рече, да продолжите да бидете будното око на нашата кауза, а вашиот глас, вашето присуство, вашата ангажираност значат многу.

Нека никој не го заглуши вашиот глас и нека никој не ја избрише вашата меморија. Чувајте го македонското име, јазикот, песните, обичаите – тие се нашиот завет. Македонците во Албанија секогаш ќе ве доживуваат како своја продолжена рака, како најблиски роднини кои и по генерации не ја заборавиле татковината. Заедно сме посилни. Нека е честит Илинден! Да живее македонскиот народ! Да живее Македонија, каде и да чука македонско срце – посака Стерјовски во обраќањето.

Покрај другото тој се задржа и на „големиот и значаен придонес на Македонците во темелите на Албанија што е историски факт, но и наша гордост“.

И денес, иако сме лојални граѓани на државата Албанија, ние Македонците се соочуваме со нови предизвици, од негирање на нашиот идентитет, до обиди за асимилација од надворешни сили. Бугарскиот притисок врз Албанија да не нè признае она што сме – Македонци, е неприфатлив. Ние не бараме привилегии, бараме почитување на елементарното човеково право: да бидеме тоа што сме – Македонци. Апелирамe до институциите во Тирана и Скопје да го поддржат овој наш праведен повик. Сакаме европска Албанија, но не по цена на македонскиот идентитет – нагласи тој.

На свеченоста претседателот на „Обединети Македонци“, Ристо Дурловски, на Стерјовски му врачи признание за „заслуги за македонската кауза“.

Поврзани вести