
Од 12 октомври 2025 година, патувањето во земјите од Шенген зоната ќе добие нова димензија: започнува постепената примена на Системот за влез и излез (ЕЕС), кој ќе ја замени досегашната практика на удирање печати во пасошите со целосна дигитална евиденција на патниците од трети земји, вклучително и од Македонија.
Европската комисија соопшти дека новиот систем ќе ги регистрира отпечатоците од прсти, фотографијата од лицето и клучни податоци за секое патување, вклучително и точниот датум и место на влез и излез од Шенген. Целта е подобро управување со границите, спречување на злоупотреби, откривање на илегални престои и зголемување на безбедноста.
Првите шест месеци – од октомври 2025 до април 2026 – ЕЕС ќе се применува постепено, со сѐ поголем број патници вклучени во процесот. Од април, системот ќе биде целосно активен и задолжителен за сите кои преминуваат на граничните премини.
Европските власти уверуваат дека новиот систем ги исполнува највисоките стандарди за заштита на личните податоци и ќе го олесни и забрза преминувањето на границите преку автоматизирани контроли.
ЕЕС е дел од поширокиот проект „Паметни граници“, заедно со новиот ЕТИАС систем за онлајн дозволи за патување и автоматските гранични контролни точки. Ова значи дека до 2026 година, влезот во ЕУ ќе стане целосно дигитализиран – побрз, но и построг.