Skip to main content

Колку често треба да се пере постелнината за време на горештините? 

Freepik

Жешките летни ноќи можат да ги претворат нашите спални соби во вистински сауни. Експертка за чистење открива дека перењето на постелнината еднаш неделно во текот на летото е неопходно.

Паола Квази, експертка за хигиена и чистење, смета дека за време на топлотен бран, перењето на постелнината еднаш неделно не само што е препорачливо, туку и задолжително. Таа ги сподели своите најдобри совети за „одржување на свежината“ во текот на жешките денови, без при тоа значително да се зголеми сметката за струја поради дополнително перење, пренесува The Mirror.

Бидејќи просечна личност поминува меѓу 49 и 60 часа неделно во кревет, мртвите клетки од кожата, телесните масти, па дури и остатоците од измет, можат да се насоберат во постелнината. А за време на жештини, дополнителната количина пот е неизбежна – објаснува таа.

Загадените навлаки за јорган и перници можат да предизвикаат појава на акни и алергии, па затоа одржувањето на чистота кај постелнината е клучно – особено доколку некој од домаќинството страда од кожни заболувања или има чувствителност на алергени.

Сепак, освен ако не се потите прекумерно навечер, веројатно е доволно да ја перете постелнината еднаш неделно – што, во секој случај, треба да го правите – додава таа.

Иако обично се препорачува перење на 60 степени, можно е да се постигне добра хигиена и со перење на 30 степени, доколку користите квалитетен детергент.

Ако е можно, перењето еднаш неделно на 30 степени и еднаш месечно на 60 степени ќе ги намали трошоците, а сепак ќе овозможи високата температура да ги уништи грините.

Уште еден совет е да се избере полесна, потенка постелнина во летните месеци, бидејќи таа овозможува да ставите повеќе облека одеднаш во машината – што значи дека нема да морате целото перење да го посветите само на постелнината, како што е случај во зимскиот период.

Користењето потенка постелнина летно време ќе ви овозможи да ставите повеќе алишта во машината. Ако имате можност, искористете го сончевото време и сушете ја постелнината надвор. Ултравиолетовата светлина од сонцето ќе помогне во уништување на микроорганизмите – советува Паола.