Skip to main content

Вечерва проекција на документарецот „Скопје 63“ во Кинотека

Вечерва во 20:00 часот во Кинотека на Македонија ќе се одржи прокеција на документарниот филм во македонско-хрватска продукција „Скопје 63“

Филмот сниман 1964 година е во режија на Вељко Булајиќ, а сценариото на Јован Бошковски, Матеја Матевски, Ѓорѓи Старделов. Сниматели се Драган Салковски и Љубе Петковски

На 26 јули 1963, во 5 часот и 17 минути, Скопје го погоди катастрофален земјотрес со јачина од 6.1 степен по рихтеровата скала. Само три дена подоцна, режисерот Вељко Булајиќ со својата екипа пристигнува во разурнатиот град.

Од неколкуте филмски прикази на скопскиот земјотрес, се чини дека филмот на Булајиќ најдобро се носи со тестот на времето. Делото не е само документ на настанот, туку е и креативен, оригинален па и универзален приказ. Осврт кон едно време, еден одлучувачки настан и многу човечки судбини. Најбитниот слој на филмот е изборот на авторот филмот да не се фокусира исклучиво на земјотресот, туку и на реакцијата на луѓето, заедницата и односот на системот кон оние кои ги загубиле своите најблиски и своите домови.

СКОПЈЕ 63 е сведоштво за моќта на филмот како медиум, сведоштво за битната авторска визија. Филмот е во продукција на тогашниот Вардар Филм и Јадран Филм, а при реализацијата Булајиќ соработувал со нашите познати автори и филмски дејци – Јован Бошковски, Матеја Матевски, Ѓорѓи Старделов, Љубе Петковски, Драган Салковски. За потребите на филмот е снимен и еден од првите концерти на Есма Реџепова и нејзината изведба на Chaje Shukarije.

Во 2020 година хрватските филмски критичари го прогласија токму ова остварување за еден од најдобрите хрватски документарни филмови на сите времиња.

Поврзани вести