Skip to main content

40 години „Среќна Нова ’49“ култниот македонски филм во режија на Столе Попов: Вечерва проекција во Кинотека

На 17 октомври, во 20:00 часот, Кинотеката ве поканува на проекција на „Среќна Нова ’49“ (1986), култниот македонски филм во режија на Столе Попов, во продукција на „Вардар филм“. По повод 40 години од неговото создавање, повторно имаме можност да го погледнеме ова значајно остварување од македонската кинематографија, кое остава силен впечаток со својата драматична приказна и историскиот контекст.

Дејството се одвива во периодот на политичките превирања по судирот меѓу Тито и Сталин во 1948 година. Во центарот на приказната се браќата Драгослав и Коста Ковачевски, чии различни карактери, интереси и животни избори се судираат со атмосферата на страв, сомнеж и идеолошки притисоци. Преку нивните судбини, филмот ги истражува човечките слабости, личната слобода и трагичните последици од политичките пресметки.

Во главните улоги настапуваат Светозар Цветковиќ, Мето Јовановски, Владица Милосављевиќ и Ацо Ѓорчев, покрај Душко Костовски и Петре Арсовски. Сценариото е на Гордан Михиќ, музиката е на Љупчо Константинов, а кинематографијата на Мишо Самоиловски.

Филмот оствари голем успех на Фестивалот на југословенскиот игран филм во Пула во 1986 година, освојувајќи ја Големата златна арена за најдобар филм, како и награди за сценарио, споредна машка улога, музика и маска. Беше и југословенски кандидат за наградата „Оскар“ во категоријата за најдобар странски филм.

Ве очекуваме на 17 октомври, во 20:00 часот, во Кинотеката — да го одбележиме заедно јубилејот на еден од значајните филмови на македонската кинематографија

Поврзани вести