Skip to main content

Трамп пристигна во Шкотска, најави средби со Стармер и Фон дер Лајен

Facebook / Donald J. Trump

Американскиот претседател Доналд Трамп пристигна во Шкотска, каде што престојува во својот голф-имот во Торнбери. Посетата е од приватен карактер, но според најавите ќе вклучи и дипломатски активности.

– Ќе се сретнам со многу луѓе, вклучително и со лидер од Европската Унија, изјави Трамп по пристигнувањето на аеродромот Прествик.

Тој најави дека доколку се постигне договор со Европската Унија, тоа ќе биде „најголемата зделка“ откако повторно стапи на функцијата претседател на САД на 20 јануари годинава.

Во изјавата за медиумите, Трамп соопшти дека во петдневниот престој ќе ги посети двата свои терени за голф, ќе има средби со британскиот премиер Кир Стармер и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која ја нарече „жена достојна за голема почит“.

Пречекан од стотици поддржувачи, Трамп повтори дека шансите за трговски договор со ЕУ се „50 на 50“, нагласувајќи дека и натаму има „спорни точки“ со Брисел, „можеби околу дваесет прашања“.

За средбата со Стармер рече дека нема да биде стриктно работна, туку делумно и свечена, во чест на трговскиот договор што веќе е договорен меѓу САД и Обединетото Кралство. – Ова е одличен договор за двете страни, рече Трамп.

Американскиот претседател најави и средба со шкотскиот прв министер Џон Свини, за кого рече дека е „добар човек“ и дека „со нетрпение очекува да разговара со него“, додавајќи дека „многу ја сака Шкотска“.

Самиот Свини, во изјава за ДПА, истакна дека средбата ќе биде „можност за суштински разговори за Шкотска“, особено за трговските односи.

Тој додаде и дека ќе отвори и меѓународни теми од интерес за шкотската јавност, меѓу кои и ситуацијата во Појасот Газа, каде што, според него, „се случува неподносливо човечко страдање“.

Поврзани вести