
Со дефиле на 50 делегации, во Спортскиот центар „Јане Сандански“ вечерва започна Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) Скопје 2025. Фестивалот официјално ќе го отвори и претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а ќе се обрати и претседателот на Европските олимписки комитети, Спирос Капралос.
Свечената церемонија го означи почетокот на седумдневен спортски и културен спектакл кој ќе ги обедини младите спортисти од цела Европа во духот на фер-плеј, солидарност и пријателство.
ЕМОФ Скопје 2025 ќе вклучува натпревари во 15 спортски дисциплини: атлетика, пливање, кошарка, баскет 3×3, ракомет, одбојка, џудо, спортска гимнастика, друмски велосипедизам, маунтајн бајк, кајак слалом, бадминтон, стрелаштво, пинг-понг и таеквондо.
Натпреварите ќе се одржуваат на спортски објекти со меѓународен стандард во Скопје и Куманово, додека натпреварите во спортска гимнастика ќе се одржат во Осиек, Хрватска, во соработка со Европскиот и Хрватскиот олимписки комитет. Се очекува учество на повеќе од 4.000 млади спортисти, тренери, спортски официјални лица и тимски претставници, како и стотици новинари, волонтери и гости. Македонија годинава ќе биде претставена со рекорден број на спортисти кои ќе учествуваат во сите спортови.