
Силекс успеа да го совлада Дечиќ со 2:1 во реванш дуелот од првата рунда од квалификациите од Конференциската лига, но тоа не беше доволно за пласман во следната рунда. Поразот во првиот дуел од 2:0 и брзо примениот гол на реваншот беа клучните моменти, иако кратовчани со право приговараа за поништениот гол во финишот на првиот дел.
– Рано примениот гол малку ни ја поремети концепцијата. Но, сепак постигнавме гол за изедначување во првото полувреме. Во вториот дел имавме контрола, постигнавме и гол за водство, а имавме и 6-7 шанси, но не ни се посреќи да реализраме уште една. Не треба да заборавиме дека играме без тројца клучни играчи од ланскиот состав. Благодарност и до нашите навивачи кои дојдоа да не бодрат. Сега ни останува да се подготвиме за стартот на сезоната, изјави тренерот на Силекс Александар Васовски.
Гостите од Црна Гора ги искористија своите моменти, пред се од првиот дуел, а честитки за нивниот пласман во следната рунда упати тренерот на кратовчани.