Skip to main content

Прецизност, страст и музичка хемија на австриската вечер на „Охридско лето“

Во преубавиот амбиент на црквата „Света Софија“ вчера уживавме во извонредната изведба на Гудачкиот квинтет на Тиролскиот симфониски оркестар од Инсбрук! Сузан Мерт-Томази (виолина), Андреј Јаблоков (виолина), Елеонора де Пои (виола), Леонардо Сесена (виолончело) и нашиот Драган Трајковски (контрабас) ја воодушевија публиката со својата прецизност, страст и музичка хемија.

Овој исклучителен ансамбл, составен од врвни музичари со богато искуство во престижни оркестри како „Ла Скала“ и Лондонската филхармонија, ни подари вечер исполнета со елеганција и емоции. Ѝ благодариме на публиката што ја направи оваа австриска вечер незаборавна!

Возбудливо уметничко доживување приредија членовите на гудачкиот квинтет на Тиролскиот симфониски оркестар од Инсбрук, настапувајќи на австриската вечер на фестивалот „Охридско лето“.

Публиката уживаше во извонредната изведба на виолинистите Сузан Мерт-Томази и Андреј Јаблоков, на виолистката Елеонора де Пои, виолончелистот Леонардо Сесена, како и на контрабасистот Драган Трајковски кој е по потекло од Македонија и е водач на групата контрабаси на Тиролскиот симфониски оркестар  повеќе од 15 години. 

-Настапот на „Охридско лето“ е голема чест за нас. Доаѓаме првпат на фестивалот и многу ни се допаѓа. Во Охрид владее прекрасна атмосфера, а местото каде што настапуваме е волшебно. Со нетрпение го дочекавме нашиот концерт во црквата, рече виолинистката Сузан Мерт-Томази.

На репертоарот беа гудачки квинтети од композиторите Фридрих Гулда, Антонин Дворжак и Љупчо Трајковски Фис.

Австриската вечер на фестивалот се одржува секоја година со поддршка на Амбасадата на Република Австрија во Р.Македонија, Австриската влада и ЕВН Македонија како еден од главните спонзори на оваа најголема музичко-сценска манифестација во земјава.

Отворајќи ја Австриската вечер, директорот на НУ„Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, рече дека  висококвалитетната уметничка програма која ги носи австриските уметници се должи токму на огромната поддршка што ја има фестивалот.

-Како уметник, минат стипендист на Австриската влада, му се заблагодарувам на неговата екселенција, амбасадорот Мартин Памер, на Австриската амбасада, како и на Владата на Република Австрија за несебичната поддршка на македонската култура и уметност, како и на македонските уметници. Огромна благодарност до нашиот генерален спонзор А1 Македонија, Ексклузивниот спонзор  Казинос Аустрија, како и до главниот спонзор ЕВН Македонија без чија поддршка годинешното издание на фестивалот немаше да има ваква висококвалитетна  уметничка програма, рече директорот Цуцковски.  

Фестивалската програма продолжува вечерва со театарската претстава „12“  напишана по мотиви од „12 гневни мажи“ од Реџиналд Роуз, во режија на Синиша Ефтимов, а во изведба на дванаесет извонредни актери од Македонскиот народен театар-Скопје. Претставата ќе се одигра во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот.

Поврзани вести