Skip to main content

Извештајот на ЕП за напредокот на Македонија ќе се гласа во среда

Во Стразбур од денеска до четврток ќе се одржи заседание на Европскиот парламент, на чиј дневен ред покрај други теми, како приоритетите на Данско претседавање со Советот на ЕУ, трговските преговори меѓу Унијата и САД и гласањето недоверба на Европската комисија, е и Извештајот на европратеникот Томас Вајц за земјава.   

Дебатата за извештајот на Вајц врз основа на извештаите на Европската комисија за 2023 и 2024 година за земјава е закажана за утре во доцните попладневни часови, а гласањето на европратениците по документот е предвидено за в среда.  

Покрај за извештајот за земјава, европратениците утре попладне ќе расправаат и за извештаите за Албанија, Босна и Херцеговина и Грузија, по кои исто така ќе се гласа в среда. 

Овонеделното заседание на ЕП ќе започне попладнево со церемонија за одбележување на 30-годишнината од геноцидот во Сребреница, по што ќе следи дебата за предлогот на романскиот европратеник Георге Пипереа за изгласување на недоверба на Европската комисија на Урсула фон дер Лајен. По предлог-иницијативата на Пипереа европратениците ќе се изјаснат в четврток. За да биде усвоена, иницијативата треба да биде поддржана од најмалку две третини од европратениците што ќе учествуваат во гласањето, при што нивниот број треба да е поголем од половина од вкупниот број членови на ЕП. 

Поврзани вести