Skip to main content

Мицкоски: Градиме темели на промени, исплативме субвенции, фер распределба на земјиште и поддржуваме ново производство

Велат, секој почеток е тежок. Но,има нешто уште потешко – нов почеток. По долг период на разочарувања, тишина и неправда. Нов почеток не од чиста страница, туку од запишано минато, полно со порази, празни ветувања и изгубени шанси. Таков почеток бара храброст. Бара одлука. Бара визија, бара решителност. И токму таков беше почетокот што го направивме заедно, пред една година. Почеток после кој не тргнавме од нула, тргнавме од минус, порача премиерот Христијан Мицкоски од трибина во Струмица.

-Наследивме држава со нарушени институции. Со систем што одамна престанал да служи на граѓанинот. Со здравство каде пациентот чека, а не добива. Со администрација што не одговара, туку молчи. Со образование што доцни со светот. Со правосудство во кое повеќе никој не веруваше. Со генерации што си заминуваа од својата земја, не од лошо, туку од безнадежност. Тоа беше, за жал, Македонија што ја затекнавме.Но, тоа не е Македонија што ја прифативме.Не дозволивме тишината да победи. Не дозволивме безнадежноста да стане стандард. Не дозволивме да продолжи поразот. Наместо тоа, избравме да почнеме одново. Од темел. Да градиме, со работа, не со зборови. Со дела, не со театри. Да ги поставуваме првите тули на едно ново општество, праведно, чесно, вредно, блиско до народот. Ги зацврстивме носечките столбови што беа напукнати, довербата, правдата, одговорноста, визијата. Почнавме со тешките темели, невидливи, но неопходни. Темели на кои ќе расте нешто трајно, одржливо, нешто што е навистина вистинско, посочи премиерот.

Мицкоски оцени дека ова не беше обичен почеток, ова беше почеток после долг молк.

-Почеток после деценија изгубени можности. Почеток кој што природно изникна и дојде од народот. Почеток што беше заслужен. Ова беше почеток што не нуди чуда, туку понуди чесна борба, понуди пат што нема да биде лесен, но ќе води напред. Пат на кој секој ден е нова победа. Секој одговор даден на граѓанин е победа. Секое вратено чувство на сигурност е победа. Секое достоинство, враќано чекор по чекор е победа. Знам дека не е лесно. Знам дека животот и денес е тежок за многумина. Последиците од погубното владеење на СДСМ и ДУИ сè уште се чувствуваат, и во семејните буџети, и на шалтерите, и во болничките чекални, и во училиштата. Знам дека инфлацијата што кулминираше во нивното време, под влијание и на надворешни кризи, но и поради нивната неспособност, остави длабоки траги. Системот беше осакатен и тоа не се поправа преку ноќ. Ние не се правиме недопирливи. Ние сме дел од овој народ, ги живееме истите предизвици. Затоа и ја знаеме тежината на задачата што ја преземавме. Но уште повеќе, ја знаеме одговорноста. Има многу што треба уште да се направи. И потребно е време тие промени да се почувствуваат во секое семејство, во секој живот, посочи премиерот.

Тој вети дека нема откажување и нема враќање назад.

-Македонија нема алтернатива освен да одиме напред. И ние ќе продолжиме со уште повеќе сила, со уште поголема посветеност. Во изминативе нешто повеќе од 365 дена работевме на темелите. На системски промени. На враќање на довербата на институциите. Работевме да ја стабилизираме државата, да ги консолидираме состојбите, да го вратиме правецот. И токму затоа, денес не зборуваме за спектакли, туку за промени. Промени што се случуваат секој ден, во секоја општина, во секоја болница, во секој административен шалтер, во секоја училница. Почнавме да градиме држава по мерка на граѓанинот. Држава која што ќе те слушне. Држава што ќе те почитува и она што е најважно, држава што ќе ти служи. Струмица тие промени ги чекаше повеќе од кого било. И оваа есен, сигурен сум, дека ќе бидат заокружени со огромна победа на локалните избори. Премногу долго, овој град и сите негови околни места беа заробени од една фамилија, од една фамилија која се однесуваше како Струмица да е нивен личен имот, а не град на горди Струмичани. Заборавија дека Струмица му припаѓа на граѓанинот, не на фирмите и круговите во кои тие се затворија. Ние, иако ја водиме државата само една година, не го заменивме народот со дебелите црвени килими. Работевме, решававме проблеми, додека тие од опозицијата се занимаваат со „златни визи“, симбол на златното богатење на грбот на македонскиот народ. Видете, можеби во Дубаи можеби им е убаво, но коренот е тука, во Струмица, во Македонија, посочи Мицкоски.

Порача дека Македонија и Струмица се и македонските земјоделци.

-За помалку од една година исплативме повеќе од 9 милијарди денари субвенции. Направивме распределба на земјоделско земјиште. Имаме раст на извозот во првиот квартал од 5%. Вкупно се вклучени 2.109 договори на околу 6 илјади хектари. Беше распишан Јавен повик кој се однесува на Мерката 112 – „Помош на млади земјоделци за започнување на земјоделска дејност“ каде се доставени 254 апликации. Свесен сум дека мора да направиме и многу други работи. И работиме на тоа. Мора да се знае дека граѓаните ќе бидат на прво место. Затоа предвидуваме, гаранција за услуга во рок од 5 дена во сите општини и институции. Тоа нема да биде желба, туку закон. Секој граѓанин ќе добие одговор навреме, точно и без чекање. Ќе воведеме нова услуга каде администрацијата, за првпат, ќе биде таа што ќе го бара граѓанинот, а не спротивно. Ставаме крај на молкот, одложувањата и бирократската ароганција. Ќе обезбедиме гарантиран максимум на чекање во институциите. Ќе постојат јасни граници и секое прекршување ќе се казнува. Почит за времето на граѓанинот ќе биде основна вредност на новата јавна администрација. Ќе воведеме јавна листа со времиња на чекање по сите здравствени установи. Транспарентноста ќе стане стандард, пациентите ќе знаат каде ќе добијат најбрза услуга. Воведување предмет за изучување на вештачка интелигенција во образованието. Нема повеќе да учиме само за минатото, ќе ги подготвиме генерациите за иднината, за новата економија, за дигиталната ера што веќе тропа на вратата. Ова е визијата која што ја градиме. Ова се темелите што ги поставуваме. Не ветуваме дека ќе биде лесно. Но, ветуваме дека ќе биде чесно, и нема да биде срамно. Ќе биде наше. Ќе биде вистинско. И најважно ќе биде за тебе, истакна премиерот од Струмица.

Вели дека со гордост може да каже 1 година од новиот почеток, 1 година градење темели, 1 година – за тебе!

-Ова е само почеток. Но, веќе е почеток кој што долго го чекавме. Почетокот на нова поинква татковина. На земја во која ќе сакаме да живееме. Земја на можности, на ред, на човечност, на просперитет. Земја која ќе биде твоја, ќе работи за тебе и ќе расте за тебе. Доаѓа времето на Македонија! Ги градиме темелите на промените! За иднината која ја заслужуваме. За Македонија која ќе не обедини, а не раздели. За држава што ќе остане, за генерациите што допрва доаѓаат. Благодарам Струмица. Бог да ја благослови Струмица и Бог да ја благослови Македонија. Ви благодарам, порача премиерот.

Поврзани вести