Skip to main content

SafeJournalists: Ситуацијата е надвор од контрола – бараме итна заштита на медиумските работници во Србија

Фото: Freepik

Мрежата SafeJournalists остро ги осуди заканите, заплашувањата, нападите и апсењата на новинари и други медиумски работници кои известуваат од протестите низ цела Србија, оценувајќи дека независните новинари во Србија во моментов се цел на системска репресија.

„Ги повикуваме надлежните институции итно да реагираат и да им обезбедат заштита на новинарите за да можат безбедно и непречено да ја извршуваат работата што е од исклучително јавно значење – особено во време кога демонстрациите се одржуваат секојдневно во земјата“, се вели во соопштението.

По повикот на „Студентите во блокада“ за граѓанска непослушност на 28 јуни, протести и блокади на патишта се одржаа во речиси сите поголеми градови во Србија. Додека граѓаните излегуваат на улиците, независните новинари, видеорепортери и фоторепортери кои ги снимаат постапките на полицијата, се повеќе стануваат жртви на физичко насилство, притисок и апсења.

Според податоците на Независното здружение на новинари на Србија (НУНС), во последните три дена се евидентирани десетици случаи на напади и закани, а многу новинари дури и не сакаат јавно да сведочат за она што го доживеале од страв.

Меѓу најбруталните инциденти се издвојува нападот врз новинарот на „Радар“, Вук Цвијиќ, кого полицијата го удри неколкупати пред Правниот факултет во Белград синоќа, и покрај тоа што покажа легитимација.

Фоторепортерот Алекса Станковиќ беше приведен претходната вечер додека го фотографираше пробивањето на блокадата. Во полициското возило, како што севнаведува, двајца полицајци го претепале, го замолиле да го исклучи својот Инстаграм профил и на крај ја скршија мемориската картичка од камерата. Се сомнева дека насилството било како одговор на видео во кое јасно се слуша како полицаец упатува несоодветни коментари кон жените за време на интервенцијата.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, јавно ги таргетираше новинарите, нарекувајќи ги вработените во телевизиите Н1 и Нова С „терористи“, што дополнително ја засили непријателската атмосфера кон независните медиуми. По неговите изјави, редакцијата на Н1 доби серија пораки со смртни закани
Според евиденцијата на НУНС, од почетокот на годината се регистрирани повеќе од 160 случаи на притисок и напади врз новинари – речиси исто колку и во текот на целата претходна година.

– Овие податоци јасно укажуваат дека во Србија се создава се поопасна атмосфера за новинарската работа – предупредува мрежата SafeJournalists.

Тие ги повикуваат властите, особено Министерството за внатрешни работи, да спроведат итни истраги, да ги идентификуваат одговорните и да ја прекинат спиралата на неказнивост.

„Посебна одговорност за создадената атмосфера имаат највисоките државни функционери, пред сè претседателот на Републиката, кој со своите изјави дополнително поттикнува нетолеранција кон професионалните и независни медиуми“, се заклучува во соопштението.

Мрежата SafeJournalists ја сочинуваат: Здружение на новинари на Косово, Здружение на новинари на Македонија, Здружение на новинари на БиХ, Хрватско здружение на новинари, Независно здружение на новинари на Србија, Медиумски сојуз на Црна Гора
Тие најавуваат дека ќе ги информираат домашните и меѓународните институции за оваа ситуација и ќе продолжат да ја следат состојбата со слободата на медиумите во Србија.

„Во едно демократско општество, новинарите не смеат да бидат непријатели на државата – нивна задача е да сведочат за фактите во интерес на јавноста.“

Поврзани вести