
Движењето ВЛЕН остро ја обвини Демократската унија за интеграција (ДУИ) дека ја жртвувала еднаквоста на Албанците во институциите за сопствени политички и бизнис интереси, алудирајќи на случајот „Соравиа“. Од ВЛЕН порачуваат дека е апсурдно токму оние кои, како што велат, две децении го уриваа системот, денес да се прикажуваат како бранители на правата на Албанците.
„ДУИ ја претвори државната администрација во пазарна роба, ги остави Албанците без институционална заштита и бараше укинување на балансерот. За 24 години власт не најдоа храброст со закон да ја гарантираат една од основните права што произлегуваат од Охридскиот рамковен договор – правичното застапување. Затоа што за ДУИ, еднаквоста никогаш не беше цел, туку алатка за политичка трговија,“ стои во соопштението.
ВЛЕН истакнува дека за само една година власт постигнале резултати кои биле незамисливи со години. Според нив, денес правичното и соодветното застапување станува реалност – Албанците добиваат одговорни функции врз основа на заслуги, а не партиски договори.
„ДУИ го напаѓа новиот закон затоа што веќе не може да го користи за пазарење. Тие ја продадоа еднаквоста за ‘Соравиа’, а ние ја враќаме правдата во институциите. Нема повеќе поделби на позиции во сенка, туку отворени, транспарентни и фер постапки. Овој закон е историска победа – крај на институционалната дискриминација и почеток на нова ера на еднакво учество,“ велат од ВЛЕН.
Пораката на ВЛЕН е јасна: еднаквоста не е политички слоган, туку мисија. Мисија што ќе продолжи со решителност и посветеност – затоа што Албанците заслужуваат вистинска еднаквост. Затоа што Албанците, вредат.