
Владата на Унгарија ќе продолжи да се бори против планот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој ќе ја стави енергетската безбедност на Унгарија во сериозен ризик и ќе ги зголеми трошоците за сметките на домаќинствата, изјави денеска шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто.
Тој додаде дека Владата ги проценува минатонеделниот предлог за забрана за купување евтина руска нафта и природен гас, изнесен на Самитот на ЕУ. Според Сијарто тоа „би ги ставило земјите од Централна Европа, вклучително и Унгарија, во исклучително тешка ситуација“.
Според Сијарто, „планот е смислен во Брисел, како резултат на украинското лобирање“ иако и Брисел и Киев се свесни дека со тоа ќе се наруши безбедното снабдување и ќе доведе до значително зголемување на сметките на домаќинствата. Ако се реализира планот Унгарија ќе добива сурова нафта само преку еден цевковод и ќе биде отсечена од пристап до вкупно 26 милијарди кубни метри гас.
Тие зборуваат за суверенитет, нови ресурси, конкурентност и безбедност на снабдувањето, а во исто време смртно се закануваат на суверенитетот на нашата татковина. На состанокот на Владата јасно ставивме до знаење дека Унгарија ќе продолжи да се бори против планот на Зеленски. Владата ќе продолжи да го одвраќа Брисел од поткопување на унгарската енергетска безбедност, ќе ги брани ниските сметки за домаќинствата во Европа. Нема да дозволиме Брисел да ги удвои сметките на унгарските семејства по желба и лобирање на претседателот Зеленски – истакна Сијарто.