
Македонската режисерка Тамара Котевска на годинашното доделување на наградите „Гриерсон“ (Grierson British Documentary Awards) во Лондон, кои во светската кинематографија важат за британски Оскар за документарни филмови го освои престижното Гран при признание за најдобар кино-документарец за „Приказната за Силјан“, продукција на National Geographic Documentary Films и Dogwoof.
Со оваа победа на свечената церемонија во Лондон, македонскиот филм триумфираше во најсилната кино-категорија, уште еднаш потврдувајќи го светскиот квалитет на домашната авторска кинематографија и го зацементира документарниот филм “Приказната за Силјан“ како најуспешен документарен филм за 2026 година.
Вредноста на „Приказната за Силјан“ продолжува да се потврдува и по цела една година исполнета со награди, а ние очекуваме уште многу нови признанија и во наредниот период. Искрено, немам и што повеќе да кажам со зборови, освен дека овој филм го носи моето срце и целата моја страст кон седмата уметност, изјави Котевска, која во својата кариера има две номинации за Оскар за „Медена земја“ и две номинации за наградата ЕМИ.

Наградите „Гриерсон“, основани во чест на таткото на документарниот филм Џон Гриерсон, се најстарите и најугледни награди за документарен филм во Велика Британија. Титулата „британски Оскар за документарци“ ја носат поради нивното огромно влијание во филмската индустрија и фактот што победниците редовно се вбројуваат меѓу главните фаворити за наградите БАФТА и американскиот Оскар.
Овој триумф во Лондон доаѓа по историскиот успех со „Медена земја“ и неодамнешното освојување на „Зелениот Оскар“ (Wildscreen Panda Award).
Со ова признание, Котевска се впишува во друштво на најголемите светски документаристи и филмски великани кои претходно ја освоиле истата награда, меѓу кои се оскаровците Асиф Кападија (Amy, Senna), Алекс Гибни, Кевин Мекдоналд, култните автори Вернер Херцог, Луј Теру и сер Дејвид Атенборо, како и тимовите зад оскаровските триумфи „Без друга земја“ (No Other Land), „За Сама“ (For Sama) и „Сè што дише“ (All That Breathes).

Македонски



